Вести
Состанок во РЕВАЛ – Договор на Англија и Русија за автономија на Македонија, спречен со Младотурската револуција

Славица СТЕФАНОВСКА
Колку текот на историјата, а со тоа и судбината на Македонија ќе беше поинаква доколку се реализирало договореното на состанокот во Ревал (денешен Талин, Естонија) меѓу англискиот крал Едвард и рускиот цар Николај што се одржал на 9 јуни 1908 година, за спроведување на реформи и барањето до турскиот султан за автономија на земјава, останува прашање на кое веројатно одговорот може само да се претпоставува. Иако Англија и Русија, договорот за Македонија, но и за повеќе други прашања, го правеле во најголем дел поради сопствени интереси, односно спречување на ширењето на влијанието на Австро-Унгарија и Германија на Балканот и пошироко, сепак, одредениот степен на автономија за земјава што се барала од султанот Абдул Хамид, која тој, според историските извори, немал друг избор освен да ја прифати, можеби би значело спречување на Балканските војни, а со тоа и на поделбата на Македонија по нивното завршување. На патот на автономијата на земјава се попречила Младотурската револуција, за која голем дел од историчарите сметаат дека е последната капка што ја прелила чашата, односно искрата која ја запалила.
Документите од турските архиви велат дека средбата од Ревал и тамошна постигната спогодба станале една од главните причини за избувнување на Младотурската револуција. Нејзина основна цел била да се спречи автономијата на Македонија и со тоа губењето на европските територии. Ако Нијази бег не се одметнал и не ја почнал револуцијата, во Македонија или ќе победела ВМРО или Македонија ќе паднела во рацете на големите држави, што, во крајна линија повторно би значело нејзина целовитост, автономија и на крај независност во нејзините тогашни граници.
Тоа веројатно би значело и предвидлив тек на натамошните настани: до Балканските војни не би дошло, зашто Бугарија, Србија и Грција не би имале кого да протеруваат од Балканот, а во Првата светска војна, Македонија, бидејќи би била под англиско-руска контрола, од почетокот би учествувала на нивна страна, што би и го донело статусот на победник во војната и со тоа загарантирана целовитост на нејзината територија.
Зголемување на интересот на големите сили за Македонија и политичкото зближување меѓу Англија и Русија
Политичкото зближување меѓу Англија и Русија кон крајот на 1907 година и во текот на 1908 година довело до нови предлози за спроведување реформи во Македонија. Британско-рускиот реформски проект, меѓу другото, предвидувал воспоставување автономна администрација во Македонија, во рамките на Отоманската империја. Овој предлог го дискутирале британскиот крал и рускиот цар на нивниот состанок во Ревал во јуни 1908 година. Реформскиот проект бил еден од последните обиди на големите сили да ја смират ситуацијата во Македонија и да создадат некаков вид автономија. Информациите за овие планови, според историски извори, биле главната причина за избувнувањето на Младотурската револуција во јули 1908 година.
Причините за зголемувањето на интересот на големите сили за Македонија, според историчарите, се многубројни и можат да се бараат, како во внатрешните состојби во земјата и во Османлиската Империја, така и во интересите и односите меѓу самите големи сили. Меѓу внатрешните прилики, кои постојано го привлекувале вниманието на европската јавност, можат да се издвојат: континуираното безвластие кое владеело во Османлиската Империја и во нејзините балкански области, постојаните судири помеѓу различните вооружени паравоени формации во Македонија, најчесто испраќани од соседните држави Грција, Србија и Бугарија, нивните провокации, репресии и злосторствата што ги вршеле врз недолжното цивилно население и слично. Тука, треба да се има предвид и неуспехот на претходниот мирцтегшкиот реформски проект од октомври 1903 година, кој бил наметнат од страна на големите сили по задушувањето на Илинденското востание со цел да се смири и да се стабилизира состојбата во трите вилаети на Империјата (односно во Македонија).
Од друга страна, за засилениот интерес на големите сили во однос на македонското прашање важна улога играле и нивните стратегиски политички односи и интереси. Имено, во овој период настанале промени во политиките на некои од големите сили чии интереси биле свртени кон т.н. источно прашање, а во тој контекст и кон Балканот и Македонија. Тоа, во прв ред, се однесува на Австро-Унгарија и на Русија. Стратегиските интереси на двете империи долго време се испреплетувале на Балканот и од нив во голема мера зависело дали ќе се задржи статус-квото или ќе дојде до некакви поместувања, промени, реформи и слично.
Позицијата и интересите на овие две земји на Балканот биле признати и од страна на другите заинтересирани сили: Велика Британија, Франција, Германија и Италија. Поради тоа, главни носители на сите претходни иницијативи и реформски проекти што се однесувале на Македонија, вклучувајќи ги и последните, т.н. мирцтегшки реформи, биле токму Австро-Унгарија и Русија.
За состанокот во Ревал пишува и тогашна српска „Политика“, во деновите кои му претходеле на состанокот, самиот состанок, но и деновите потоа, кога се претпоставува и се консултираат дипломатски извори и странскиот печат за тоа што се е договорено помеѓу владетелите. Се пренесуваат говорите на царот и кралот, но и изјавите на официјални лица и дипломатски извори.
Односите меѓу големите сили во пресрет на состанокот и нивниот став кон македонските реформи
Нерасположението, кое во Русија се чувствувало кон Германија, како што пишува весникот, секој ден станувало се поголемо. Не само одредени весници, туку целиот руски печат почнал отворено да ја обвинува Германија поради нејзината политика кон Балканот, изнесувајќи притоа многу интересни податоци за нејзиното влијание врз султанот, кој се потпирал на помошта на германскиот цар и на тој начин го кочел реализирањето на реформскиот план на европските сили.
Односите меѓу Русија и Германија, кои биле оценети како не баш најдобри, се претпоставувало дека ќе бидат уште полоши, доколку на состанокот во Ревал дојде до целосна спогодба меѓу Русија и Англија. Германија гледала дека англискиот план успеал и оти еден ден ќе биде сосема осамена. За колку толку да ја поправи својата положба, Германија се обидувала да ги демантира тврдењата на рускиот печат, но тоа, не ѝ одело од рака.
За тоа какви биле нејзините односи кон Турција меѓународната јавност би можела да процени од нејзиното однесување, тогаш кога руската влада ќе требало да ги изнесе решенијата од реформскиот план и да го испрати до владите на големите европски сили. Се сметало дека доколку Германија повторно го отежнува спроведувањето на реформскиот план, тогаш тоа би било доказ дека обвинувањата на рускиот печат биле оправдани, но, сепак, според пишувањата, нема да значело дека пријателството на Германија ќе и помогне на Турција да не го направи тоа што се бара од неа.
И Италија била заинтересирана за македонските реформи. За време на дебатата за Буџетот на Министерството за надворешни работи, италијанскиот министер Томасо Титони држел голем говор за надворешната политика на Италија. Тој во својот говор се задржал на прашањето за реформите во Македонија, на прашањето за изградба на балкански железници и на прашањето на односите на Италија и Турција.
Зборувајќи за македонските реформи, Титони појаснил како настанале два плана, руски и англиски, навел во што се разликуваат тие и на крајот констатирал дека помеѓу Русија и Англија дошло до речиси конечна спогодба и оти на состанокот во Ревал ќе бидат отстранети и последните разлики. Италија, рекол Титони, се радува на таквата спогодба, бидејќи „таа секогаш сакала хуманитарните идеали на Англија да се поклопат со практичните цели на руската влада“.
Во врска со прашањето за изградба на железници на Балканот, Титони вели дека тој еднаш предложил тоа да се внесе во реформскиот план, за на таков начин да се спречи распаѓањето на европскиот концепт, затоа што би можело да се предвиди дека ќе дојде до поединечни акции, поради тоа што интересите на поедини држави по тоа прашање се разликуваат. Рускиот министер Извољски тој предлог симпатично го поздравил, но, поради сплет на околности, тоа прашање го симнал од дневен ред и на него не можело повеќе да се врати.
За состанокот во Ревал се говорело многу. Додека работничката партија во Британија се обидувала да го спречи заминувањето на кралот Едвард во Русија, со тврдења дека најуставниот крал во светот не може да ги потпомага реакционерите во Русија и додека еден дел од рускиот печат увреден со таквите говори во британскиот Парламент, почнал да пишува дека руско-англискиот договор не може да биде постигнат, бидејќи Англија е вековен непријател на Русија, во истовреме воодушевените поборници и во Британија и Русија, а исто така и целиот печат во Франција зборувале за овој состанок, како за политички настан од прв ред. И тој навистина, според одѕивот во меѓународната јавност е тоа, бидејќи во Ревал се очекувало да бидат решени неколку многу важни прашања.
Во Англија, како еден од протагонистите на состанокот, англискиот министер за надворешни прашања во Парламентот кажал дека кралот Едвард нема да се состане со рускиот цар за да биде потпишан некој нов договор, но, затоа пак нагласил дека овој состанок е последица на одличните односи меѓу Русија и Англија и последица на договорот, кој минатата година бил потпишан за прашањата кои се однесуваат на Персија, Авганистан и Тибет. Тој состанок бил само вовед за создавање на руско-англиското пријателство, од кој еден ден се очекувало дека ќе се роди руско-англиско-француски сојуз. Тој сојуз ќе се формира, рекол тој, без разлика на тоа колку тој бил непријатен за тројниот сојуз, но за нас, бар засега е поважно тоа што ќе биде одлучено во Ревал овие денови.
Преговорите меѓу руската и англиската Влада за македонските реформи биле речиси завршени. Англија се одрекла од своето барање за Македонија да се постави генерален гувернер, односно прифатила да не се бара тоа што сите европски сили го сметале за невозможно и штом тоа прашање било завршено, тогаш преговорите течеле многу полесно. Помалите разлики кои постоеле меѓу рускиот и англискиот предлог брзо биле отстранети и доколку се уште ги имало тогаш и тие последни неусогласености се очекувало да бидат отстранети во Ревал. Потоа, требало да се пристапи кон изработка на дефинитивниот реформски план, кој, „секако ќе биде примен од сите европски сили што пак колку толку ќе ја поправи злата судбина на несреќното население во Македонија“, пишува Политика.

Доаѓањето на кралот Едвард во Ревал на средба со царот Николај
Англискиот крал Едвард со кралицата и голема свита пристигнал во Ревал, каде бил пречекан од царот Николај со членовите на неговата фамилија и со министрите Петар Стољипин и Александар Извољски.
– Целиот руски печат пишува за овој значаен состанок и срдечно го поздравува кралот Едвард. „Новоје Времја“ зборувајќи за состанокот на рускиот цар и и англискиот крал вели дека тој е нов залог за европскиот мир. Работата на англиската и руската влада за решавање на македонското прашање ќе ги обедини сите големи сили. Фазата во која тоа прашање сега се наоѓа, благодарение на хуманата иницијатива на англиската Влада која е со симпатии примена во Петроград, дава надеж дека приликите во Македонија многу брзо ќе се променат, оти ќе настане мир кој му е потребен, не само на балканскиот полуостров, туку и на цела Европа. Ревалскиот состанок не е само англиско-руска свеченост, туку свеченост на цела Европа… И навистина во состанокот во Ревал нема ништо непријателско кон која било европска сила. Германија навистина се чувствува малку нелагодно поради овој состанок, после кој секако ќе дојде до руско-англиско-француско зближување, но, таа одамна требало да види дека Англија ќе направи се само да ја направи безопасна и успева во тоа. После договорот со Русија кој е потпишан минатата година во поглед на сите прашања кои се однесуваат на Авганистан Тибет и Персија, дојде до Договорот со Франција, а сега и приближување по прашањата кои се однесуваат на Европа, пишува весникот.
Успехот на руско-англиско-француската политика, во исто време, во јавноста се сметал како пораз на Германија-Австро-Унгарија, а имало и мислења дека Германија затскривајќи се позади Мирцтешкиот договор сакала да го спречи работењето на оние сили кои искрено работеле на реформското прашање во Македонија.
Во овој период се пренесуваат и здравиците изменети меѓу рускиот цар и англискиот крал, кои цела Европа со нетрпение ги очекувала.
Прво рускиот цар му наздравил на кралот Едвард и ја искажал својата голема радост што може да го поздрави како свој гостин и потоа рекол: „Уверен сум дека овој состанок ќе ги потврди уште повеќе силните овбрски, кои ги поврзувале нашите куќи, дека нашите земји уште повеќе ќе се збилижат и оти тоа ќе биде од полза за одржувањето на општиот мир. Нашите влади минатата година поволно разрешија повеќе прашања, кои беа од иста важност и за Русија и за Англија. Уверен сум дека вашето височество тие договори ги цени, исто така, високо како јас, бидејќи и покрај точно нивната ограничена цел, тие сепак ќе направат уште повеќе да се зголеми довербата и пријателството меѓу нашите земји“.
Кралот Едвард потоа се заблагодарил на поздравот на рускиот цар и потоа, меѓу другото рекол: „Го потпишувам секој збор кој го изговори вашето височество во поглед на договорите кои ги постигнаа нашите влади. Уверен сум дека тие договори уште повеќе ќе ги зајакнат врските, кои ги спојуваат нашите народи и оти ќе помогнат во иднина да се решат и останатите важни прашања. Уверен сум дека освен тоа што тие ќе направат нашите држави да се зближат, тие ќе придонесат да се одржува општиот мир. Јас се надевам дека после овој состанок набрзо ќе ми се укаже прилика повторно да се состанам со вашето височество“.
Меѓународната јавност по состанокот во Ревал
Германскиот печат потоа многу опширно ги коментирал двата говори и тврдел дека на ревалскиот состанок нема да се носи никаква одлука за персиското прашање, но, оти ќе се реши реформскиот план за Македонија, што, според пишувањето, нема да биде тешко, бидејќи за тоа бил постигнат договор меѓу англиската и руската влада. Се очекувало веднаш по враќањето на кралот Едвард во Англија да се објават резултатите од тој договор. Сега, барем отприлика, пишувале весниците, може да се знае како ќе гласи договорот, бидејќи се знае што барала англиската, а што руската Влада, но, сепак, според нив, ќе било интересно да се види како ќе се однесува Турција, која веќе прилично добро знаела што ја чека. Во Русија, пак, општо мислење било дека руската Влада ќе го води првиот збор по прашањето на овие реформи, не барајќи никаква помош од Австро-Унгарија, која направила се Мирцтешкиот договор да не донесе никакви плодови.
– Ниту еден политички настан во последно време не ја заинтересирал Европа како ревалскиот состанок. Целиот свет ги вперил очите во Ревал, бидејќи тука требало да се решат неколку прашања од голема важност и да се види дали е можно да се створи ново групирање на големите сили во корист на општиот мир во светот, пишува Политика. По завршувањето на состанокот се уште не се знаело за што се се решавало на него и за што е постигнат договор, но рускиот министер Извољски на одредени англиски новинари отворено им изјавил дека по однос на македонското прашање и прашањата кои се однесуваат на централна Азија е постигнат целосен договор.
Што било договорено на состанокот во Ревал
Што се било одлучено на состанокот се очекувало да се дознае многу скоро, затоа што руската Влада требало да почне да работи на созадавање конечна програма за реформска акција во Македонија, која требало да им биде претставена на сите европски сили. Од говорот на рускиот министер Извољски се знаело само толку дека таа работа е поволно решена и оти прашањето за финансиска контрола во Македонија е симнато од дневен ред.
По завршувањето на состанокот еден берлински лист објавил разговор, што негов соработник го имал по повод ревалскиот состанок на рускиот цар и германскиот крал, со еден германски дипломат, кој се наоѓал во Берлин, а се сметал за добар познавач на состојбите на Истокот. Веќе од тоа, како што нагласува овој берлински лист, можело да се заклучи дека тој германски дипломат не е никој друг, туку германскиот пратеник во Цариград, Барон Маршал, кој тогаш бил во Берлин.
Овој дипломат, помеѓу останатото, рекол дека доколку руско-англискиот договор има за цел за македонското прашање да направи поголем притисок на султанот, отколку што тоа било до сега, тогаш треба да се има предвид и расположението на муслиманското население во Македонија. Ова прашање, според него, било многу важно. – Доколку доаѓа предвид навремена исплата на плати, поправање на економската положба и слично, ќе бидат задоволни и муслиманите. Но, сепак, треба да се има на ум дека тие во султанот гледаат не само свој владетел, туку и калиф, поради што премногу силен притисок кој странците би го направиле врз него, би ги вознемирил. Мухамединците барем засега мирно ги гледаа борбите на христијаните во Македонија. Секако би било многу кобно, кога сега би нашле повод да влезат во борба. Тие во Македонија како вероисповед се бројно помалку отколку христијани, но додека тие меѓу себе се крват и бијат, Мухамединците образуваат една силна група од милион и пол души што значи елемент за кој треба да се води сметка. Секако еден момент, кој треба да се има предвид, е промената на однесувањето на мухамединците при промената на постапките на големите сили, изјавил тој.
По вестите што пристигале од Лондон изгледало дека со последната нота на руската влада била отстранета и последната разлика, а со тоа бил постигнат договор за реформскиот план, кој руската влада веќе го изработила.
– Почетокот на март годинава го донел англискиот, а крајот на март рускиот реформски план. Предлогот на сер Едвард Греј се состоел главно во тоа за Македонија да се постави генерален гувернер за период од пет години. Тој гувернер би го признале и големите сили и тој би требало да биде потполно независен од Цариград, а Портата би можела да го смени само со нивна претходна согласност на големите сили. Освен тоа, Рускиот предлог предвидувал да се намали бројот на турски трупи во Македонија, да се зголеми жандармеријата, како би можела со успех да ги гони четите. И најпосле англискиот план предлагал на Султанот од страна на големите сили да му се гарантира суверенитет, гласеле вестите од Лондон.
Русија, пак, сметала дека повеќето од предлозите кои се наоѓале во англискиот реформски план не можат да бидат прифатени. Рускиот предлог генерално бил против поставување на генералниот гувернер, но и против намалување на турските чети во Македонија, како и против зголемување на жандармеријата. Со Рускиот предлог се барало власта од цивилните агенти да се пренесе на сите делегати на финансиската комисија и да се создаде жандармерија која самите општини ќе ја формираат и одржуваат.
Во преговорите потоа кои почнале меѓу руската и англиската влада, англиската влада се согласила да се одрече од поставувањето централен гувернер, но затоа, пак, барала место него да се постави генерален инспектор со исти права, па прифатила тој да биде муслиман. Англија покрај тоа признала и дека рускиот предлог за воведувањето жандармерија може да биде многу корисен, но, оти не може да се изведе бидејќи општините се многу сиромашни и не можат да формираат и да издржуваат толкав голем број луѓе. Англиската влада во тие преговори особено внимание обраќала на финансиските прашања. Тие по нејзино мислење можеле да се уредат само на тој начин, ако финансиската комисија задржува еден дел од македонските приходи за издатоци за административна управа и гонење на четите, па само тоа што ќе остане да го испраќаат до султанот за исплата и одржување на војската.
Како што се гледа, разликите од еден до друг предлог биле големи, затоа што Англија и во оваа прилика барала порадикални мерки, додека Русија била на мислење да не се бара ништо што би можело да доведе до долготраен отпор од страна на Турција. Но, сите разлики постепено биле отстранети и за кратко време целиот реформски план ќе биде доставен до сите европски сили. Состанокот на европскиот крал и рускиот цар направил многу ова важно прашање да се реши и затоа во иднина ќе се зборува многу за Ревал како место во кое се заборавило на Мирцштег.
Денови по завршување на состанокот, еден од најпознатите лондонски весници во своето последно издание изнел поединости од договорот, кој бил постигнат меѓу министерот Извољски и државниот подсекретар Хардинг за македонското прашање. Пред се, тука се тврди дека овој договор претставува многу голем успех на англиската дипломатија, бидејќи руската влада ги прифатила речиси сите главни точки на Грејовиот реформски проект.
Петроградскиот дописник на тој лист тврди дека по руско-англискиот договор македонското прашање ќе се подели на два дела. Прво требало да биде поставен план за пацифицирање, а потоа да се изработи план за спроведување на реформите. Планот за пацифицирање требало да се изработи по предлози кои Греј минатата година ги доставил до руската влада. На смирување на земјата требало да работат не жандармериски трупи, ниту странски офицери, туку турски трупи. Трошоците за одржување на тие трупи требало да бидат покриени од македонскиот цивилен буџет.
Постојаниот реформски план бил многу подетален. Најглавната точка во него била изработена по предлог на Греј, административната управа да морала да биде прва и најважна позиција во македонскиот буџет. По прашањето на именувањето на генерален гувернер, англиската влада се согласила на рускиот предлог, т.е. да се постави генерален инспектор за период од седум години, со гаранција за пензија.
Целиот овој план требало да биде брзо изработен и веднаш претставен на европските сили. И, иако досега преговорите биле водени само меѓу Русија и Англија, односно нивните влади, сепак, постоела надеж дека европските сили веднаш ќе се согласат на руско-англискиот договор и тогаш реформскиот план ќе го поднесат до Портата, која ќе морало да го прими, бидејќи во него постојано се водело сметка за суверенитетот на султанот.
Во дипломатските кругови, како и во пошироката европска јавност, се раширило убедувањето дека Британците и
Русите во Ревал постигнале „целосна согласност“ околу реформскиот проект во Македонија, кој, во крајна линија, предвидувал нејзина изградба во посебна автономна област. Ваквите информации предизвикале загриженост кај дел од големите сили, кај балканските земји и, пред сè, во Османлиската Империја.

Состојбата во Османлиската империја по состанокот и договорот во Ревал, почетокот на Младотурската револуција
Гласовите за ревалската средба и за одлуките што биле донесени на неа, сепак, најмногу ги вознемириле духовите во
Османлиската Империја. Портата истакнувала дека не може да се согласи со новиот британско-руски реформски проект, а особено никако не можела да го прифати предложеното намалување на бројот на нејзините вооружени трупи во Македонија. За ваквите свои ставови, османлиската влада, се чини, била охрабрена од страна на Австро-Унгарија и на Германија.
И додека во европските престолнини се одвивале дипломатските преговори околу конечниот изглед на новиот реформски
план за Македонија, а во пошироката европска јавност се анализирале одлуките и значењето на ревалската средба, од Македонија започнале да доаѓаат информации за побуни и немири во редовите на османлиската армија. На 3 јули 1908 година командантот на резервниот состав на армијата во Ресен, Нијази-бег, му откажал послушност на султанот и со неколку десетици потчинети офицери и војници се одметнал во планините. Следните денови неговиот пример бил следен и од други високи офицери и претставници на османлиската елита. За кусо време бунтот прераснал во масовно револуционерно движење, кое се проширило низ целата Империја.
На чело на движењето се наоѓал т.н. комитет Единство и напредок составен, пред сè, од млади и реформски ориентирани личности, претставници на османлиската воена елита. Повеќето од нив биле армиски офицери образовани во западноевропските земји. Повод за нивната акција биле токму информациите дека се планираат нови реформи во Македонија. Младотурците, како што биле нарекувани, се плашиле дека, како и многупати претходно, султанот Абдул
Хамид Втори ќе попушти под притисокот на големите сили и ќе ги прифати новите реформски предлози кои, според нив, би значеле отргнување на Македонија од Империјата. Во тие околности, младотурскиот Комитет проценил дека државата е во опасност и дека е дојдено време за детронизирање на апсолутистичкиот режим на Абдул Хамид и за демократизација на земјата.
Во одредени историски извори провејува ставот дека многу било веројатно оти врз одлуката за отпочнување на младотурската револуционерна акција во тој момент свое влијание имале и некои од големите сили. Во прв ред тоа биле силите како Германија и Австро-Унгарија, на кои не им одговарале новите односи на Балканот диктирани од Британија и од Русија. Од друга страна, одредени историчари сметаат дека за отпочнувањето на младотурската акција голема улога одиграла токму британската дипломатија, бидејќи се сметало дека Британците немале искрена намера за спроведување на реформите кои самите ги предлагале, како и за формирање една автономна управа во Македонија. Отпочнувањето на младотурската акција и создавањето комплетно нова ситуација во Империјата би и дало совршена можност на британската влада елегантно да се повлече од реформскиот проект, како што на крајот и се случило.
Младотурското движење за кусо време постигнало целосен успех и го принудило султанот Абдул Хамид Втори на радикални отстапки. Тој набрзина го вратил во сила Уставот од 1876 година и се согласил да распише избори во земјата и да се воспостави демократски парламент со кој би ја делел власта. Во исто време биле легализирани и пацифизирани сите вооружени чети, а била прогласена и амнестија за политичките затвореници.
Новонастанатата ситуација по Младотурската револуција
Новата ситуација што настанала со избувнувањето на револуцијата била внимателно следена од страна на големите сили. Во новите, радикално променети околности, британската влада заклучила дека не е време за наметнување нови обврски на Империјата и веднаш по објавување на информациите за прогласувањето на Уставот, го суспендирала реформскиот план за Македонија, истакнувајќи дека „ќе го следи развојот на настаните во Отоманската империја и ако има потреба ќе се продолжи со реформската акција“. Владата сега била подготвена да чека и да види како ќе се одвива идната ситуација и дали, евентуално, со новите промени Империјата ќе биде во можност да ги спроведе предвидените реформи.
Министерот Едвард Греј во парламентот изјавил дека „британската влада нема да презема никаква самостојна акција во
поглед на македонското прашање“. Владата ја поздравила новонастанатата ситуација. За неа, сега, најважно било и соседните балкански држави да ја прифатат таа ситуација и да го спречат организирањето и испраќањето паравоени чети од нивната територија во Македонија. Ако новата османлиска власт успее да ја реорганизира администрацијата и да гарантира подеднакви права за христијаните во Македонија како и за муслиманите, новата состојба би била прифатлива за Британија. Британците сега верувале дека „реформирана Турција би била најдоброто решение за македонското прашање, само ако соседите ја остават на мира“.
Во исто време и Русија се откажала од својот дел од реформскиот проект. Министерот Извољски ја образложил ваквата
одлука со потребата „на сегашното движење да му се даде шанса да покаже со колкава позитивност тоа може да се ефектуира“. Предлозите за суспендирање на реформскиот проект со задоволство биле прифатени и од страна на Австро-Унгарија, Германија и надругите големи сили кои, секоја од свои причини, сметале дека треба да им се даде шанса на младотурците. На тој начин, реформскиот проект за Македонија, кој кренал голема врева во европската политичка јавност, наеднаш бил суспендиран и одложен „за подобри времиња“ уште пред истиот да биде конкретизиран и да
започне неговата имплементација.
Но, за жал, за Македонија и за нејзиното население, подобри времиња нема да дојдат. Новите османлиски власти воопшто немале намера да ги исполнат реформите што ги очекувале од нив европските сили. Во следниот период ситуацијата наместо да се подобри, уште повеќе се влошила. Младотурците, во прв ред, биле османлиски националисти. Тие верувале дека спасот на Империјата лежи во изградба на единствена „османлиска нација“ составена од сите етнички групи и религии кои егзистирале во државата, по примерот на европските нации-држави. Поради тоа, нивната главна цел била да ја зачуваат Македонија како интегрален дел од османлиската држава, а не да и дадат некаква автономија или самоуправа.
Како аргумент за тоа може да послужи и меморандумот кој во мај 1908 година бил испратен од битолскиот разгранок на комитетот Единство и напредок до конзулите на сите големи сили, освен до рускиот конзул. Во него се истакнувало дека „Македонија е денес еден дел од Отоманската империја и не може да се оддели од неа, нејзиниот живот е поврзан со животот на Империјата. Среќата на трите вилаети, кои што Европа сака да ги претвори во една вештачка Македонија, се врзани со среќата на 27 други вилаети, што заедно ја сочинуваат Османлиската држава“.
Оваа политика за единствена османлиска нација не била во интерес на христијанското население во Македонија и пошироко на Балканот. Таа била целосно неприфатлива и за водачите на македонското револуционерно движење бидејќи била во спротивност со нивните залагања за изградба на автономна македонска држава. Уште повеќе, со османлиската нација не се идентификувал и најголем дел од муслиманското нетурско население во Империјата, меѓу кои и Албанците. Поради тоа, најголем дел од нетурското население ги отфрлило идеите и проектите на младотурците и во тоа, меѓу другото, лежи една од главните причини за неуспехот на младотурскиот реформски проект.
Сепак, неуспехот на младотурскиот проект и влошувањето на ситуацијата во Македонија во следните години не довеле до
враќање на интересот на големите сили за реформскиот план како што било претходно најавувано. Политичката ситуација во Европа, во меѓувреме, крајно се усложнила. Односите помеѓу европските земји, сега веќе поделени на блокови, толку се влошиле што во секој момент постоела опасност од избувнување на голема војна.
Зафатени со меѓусебните проблеми и стремејќи се да ја избегнат или барем да ја одложат војната која станувала неминовна, европските големи сили им го препуштиле решавањето на македонското прашање на балканските земји. Во такви околности, Србија, Грција, Бугарија, Романија и Црна Гора процениле дека е дојдено времето за остварување на нивните големодржавни интереси на сметка на Османлиската Империја, а во нејзините рамки и на Македонија. Во текот на 1912 година, поттикнати од Русија, балканските држави го формирале т.н. Балкански сојуз, чие создавање ќе доведе до избувнување на Балканските војни, а на крајот и до поделба на Македонија. Во следните години оваа поделба била санкционирана од страна на големите сили и на балканските држави на серија мировни конференции, со што автономијата и самостојноста на Македонија, како опции за решавање на македонското прашање, отстапиле место на идејата за нејзина поделба.
Реформскиот проект од 1908 година е значаен за македонската историја од неколку аспекти. Имено, тоа бил последниот
обид на големите сили за спроведување реформи во Македонија, кои требало да бидат во интерес на самата Македонија и на нејзиниот народ. Исто така, тоа бил последниот посериозен обид идејата за автономија на Македонија да се постави високо на агендата на европските големи сили. Таа идеја и целокупниот реформски проект ја преокупирале европската и балканската јавност во првата половина на 1908 година. Балканските земји стравувале од можноста реформскиот проект да се спроведе на дело, така како што бил замислен. Информациите од средбата во Ревал дека рускиот цар и британскиот крал се договориле за формирање автономна управа во Македонија претставувале непосреден повод за отпочнувањето на Младотурската револуција од јули 1908 година. Избувнувањето и почетниот успех на Револуцијата, од своја страна, предизвикале идни далекосежни последици и големи промени, како во Македонија така и пошироко на Балканот.
Фото Википедија, tsarnicholas.org, МИА архива
Истражување на самостојниот истражувач Здравко Стојковски „Британско-рускиот реформски проект од 1908 година и Македонија.
„Политика“ дигитализирани изданија од 1908 година.
ноември 28, 2025

