Connect with us

Регион

Косово потроши речиси 18 милиони евра за избори, ЦИК нема буџет за евентуални предвремени парламентарни избори

Косовската Централна изборна комисија (ЦИК) соопшти дека нема буџет за организирање евентуални предвремени парламентарни избори поради парламентарните и локалните избори што се одржаа оваа година, објави весникот „Коха Диторе“.

Двата изборни процеси, кои се одржаа на 9 февруари (парламентарни), 12 октомври (прв круг локални) и 9 ноември (втор круг локални), го чинеа косовскиот буџет речиси 18 милиони евра, забележува изданието.

Од ЦИК изјавија дека доколку дојде до предвремени избори оваа година, ќе испратат буџетски план за да го одобри Владата. „Коха Диторе“ побарала информација од Владата дали има средства во буџетот за одржување на евентуални предвремени избори и можност за пренасочување средства за таа цел, но не добила одговор до објавувањето на написот.

По парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, Косово западна во политичка криза. Ниту една од партиите не доби мнозинство од 61 глас во Собранието од 120 места, поради што ниту еден од претставените кандидати за претседател на косовскиот парламент не собра доволна поддршка и работата на институцијата беше блокирана.

Речиси седум месеци по изборите и по 57 неуспешни обиди за конституирање на Парламентот, на 26 август за негов претседател беше избран Димал Баша од владејачкото Движење „Самоопределување“, како и четворица од петте заменици-претседатели.

По уште едно блокирање на работата на Парламентот, петтиот заменик-претседател, кој според Уставот треба да биде од српската заедница, беше избран на 10 октомври, осум месеци по парламентарните избори, со што Парламентот беше и официјално конституиран. Ова го отвори патот за напорите на првата сила на изборите – владејачкото левичарско Движење „Самоопределување“ (ЛВВ) и премиерот Албин Курти како прв мандатар – за формирање влада.

По консултациите со партиите, косовската претседателка Вјоса Османи на 4 ноември му го врачи мандатот за состав на влада на заменик-претседателот на Движењето „Самоопределување“, Глаук Коњуфца.

Тој е вториот кандидат за премиер од „Самоопределување“, откако на 26 октомври првиот мандатар – актуелниот премиер на Косово и претседател на партијата Албин Курти – не успеа да ја собере потребната поддршка за формирање влада.

Коњуфца има рок од 15 дена, сметано од денот на добивање на мандатот, да претстави програма и да формира влада. Доколку и вториот кабинет не биде изгласан со мнозинство, земјата ќе оди на предвремени избори.

Ако Коњуфца не успее да состави влада до 19 ноември, предвремените избори треба да се одржат најдоцна во втората половина на декември, според „Коха Диторе“.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3