Connect with us

Вести

Обвинителството ги чека пресудата и образложението за Пешевска за да одлучи дали ќе се жали

Основното јавно обвинителство сѐ уште не ја добило пресудата од Кривичниот суд и образложението за изречената двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност за второобвинетата во случајот „Онкологија“, онкологот Мери Пешевска.

Од Обвинителство велат признанието на вина и пресудата за Пешевска е потврда за основаноста на наводите во обвинението, додека висината на санкцијата за стореното кривично дело ја одредува Судот.

– Признанието на вина и осудителната пресуда изречена за една од обвинетите во предметот „Онкологија” е потврда за основаноста на наводите во обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје. Висината на санкцијата за стореното кривично дело ја одредува Судот, а обвинителството сѐ уште не ја добило пресудата и образложението за изречената казна, стои во соопштението. 

По приемот, додаваат, Јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе вложи жалба во однос на висината на санкцијата. 

Основниот кривичен суд Скопје вчера изрече двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност за второобвинетата Пешевска, доколку во рок од пет години таа не стори ново дело. Таа претходно го призна делото кое што ѝ се ставаше на товар за несовесно лекување болни, по што кривичната постапка против неа беше раздвоена.

Пешевска заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и уште двајца други онколози беше обвинета за несовесно лекување пациенти. Според обвинението, на нив им се ставаат на товар кривичните дека „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.