Скопје
ЈСП повторно пред колапс, Пуцко Петрол не доставува нафта поради неплатени фактури

Компанијата Пуцко Петрол во соопштение до медиумите го искажаа својот став во врска со информациите во јавноста дека ЈСП ги повлекува автобусите во депоата а граѓаните на главниот град повторно ќе имаат проблем со градскиот превоз поради недостаток на нафта.
– Во врска со јавните реакции поврзани со испораката на гориво за ЈСП Скопје, сакаме да ја информираме јавноста за следното:
Нашата компанија, како долгогодишен стабилен и доверлив снабдувач, се соочува со многу сериозни предизвици во однос на наплатата на обврските од страна на ЈСП. Веќе подолг временски период, огромниот долг на ЈСП према нашата компанија кој надминувал и над 10.000.000 евра, по фактури стари и над 2 години, се наплатува со многу големи потешкотии.
Средствата кои се исплатени, при што рокот на доспевање на фактурите бил и по 90 дена се со екстремно задоцнување – не во денови или месеци, туку во години.
Веруваме дека секој ќе се согласи дека доколку средствата биле наменски трошени и правилно менаџирани низ годините, обврските кон добавувачите би биле навремено исполнувани, а граѓаните би имале стабилен, сигурен и непречен јавен превоз.
Во таа насока, за ненаменското трошење на јавните средства треба да сносат одговорност лицата кои управувале со буџетот и соодветните финансиски одлуки.
Дополнително, сакаме јасно да нагласиме дека секоја институција која ги подмирува своите обврски навремено и ги почитува договорните обврски, добива гориво согласно договорените услови. Нашето работење е транспарентно, законски усогласено и ориентирано кон стабилност и доверба во деловните односи.
Нашата компанија останува отворена за соработка и решенија, но истовремено мораме да ја заштитиме својата финансиска стабилност и деловен интегритет, информираат од компанијата.
септември 23, 2025