Општини
Фондот за техничка документација објави повик преку кој ќе се изработуваат проекти од животната средина

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамки на Фондот за техничка документација (ФТД) го објави третиот повик за поддршка во изработка на техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти од областа на животната средина.
Предвидени се околу 500,000 американски долари за изработка на техничка документација за најмалку 10 приоритетни капитални проекти на локално ниво наменети за општините и центрите за развој на планските региони. Средствата се наменети за проектантски, ревидентски и други консултантски услуги.
Со оглед на општинските потреби, приоритет во овој повик им се дава на проекти од областа на животната средина како што се управувањето со цврстиот отпад, одведувањето и третманот на отпадните води и проекти за намалување на загадувањето на воздухот и емисијата на стакленички гасови од сообраќајот и јавните објекти, информираат од УНДП.
Рокот за доставување на барањата за финансирање на техничка документација е до 9 септември.
Целокупниот повик и формуларите за аплицирање се достапни на следниот линк: https://www.undp.org/north-macedonia/news/third-call-technical-documentation-funding.
Досега, преку претходните повици на ФТД изработени се 90 технички документации со вкупна инвестициска вредност од 100 милиони американски долари.
Фондот за техничка документација претставува инструмент за финансиска и техничка поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти на локално, меѓуопштинско и регионално ниво кој е воспоставен преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од страна на Шведска и Бирото за регионален развој.
Проектот се спроведува во партнерство на УНДП со Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој и во соработка со ЗЕЛС, општините и центрите за развој на планските региони во државата.
август 12, 2025