Свет
Најмалку 18 луѓе загинаа при руските напади врз Украина
Бројот на загинати во синоќешните руски напади врз Украина се искачи на 18, а над сто луѓе се повредени, соопштија локалните власти.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека во главниот град загинале шест лица, а 66 се повредени.
Но, многумина се заробени под урнатините, поради што се стравува дека можно е зголемување на бројот на жртвите.
Според украинското военовоздухопловство, Русија синоќа врз Украина лансирала 73 проектили, од кои осум хиперсонични проектили „Циркон“, како и 656 дронови. Главни цели на нападите беа Киев, Днепар, Запорожје, Полтава и Харков.
Украинската армија соопшти дека пресретнала и уништила 40 ракети и 602 дронови.
По синоќешните руски напади, претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска повторно побара од американскиот претседател Доналд Трамп САД да испратат противвоздушни системи „Патриот“.
Тој и минатата недела од Трамп побара системи „Патриот“ и пресретнувачки ракети истакнувајќи оти балистичките ракети се „главната предност на Москва на бојното поле“.
јуни 2, 2026
