Connect with us

Свет

Воени претставници на САД и Кина се состанаа на Хаваи на „искрени и конструктивни разговори“

Кина и САД минатата недела на Хаваи одржаа „искрени и конструктивни“ разговори за воздушната и поморската безбедност согласувајќи се дека подобрената комуникација може да ги намали погрешните процени и да го подобри професионализмот – соопшти кинеската морнарица.

На состаноците одржани на 28 и 29 мај учествуваа претставници на вооружените сили на двете земји, се наведува во соопштението објавено доцна синоќа.

Во посебно соопштение од Индо-пацифичката команда на САД се наведува дека претставници на кинеската војска пристигнале во Хонолулу на разговори насочени кон намалување на ризикот од небезбедни и непрофесионални инциденти.

Средбата следуваше по самитот минатиот месец меѓу кинескиот претседател Шји Џјинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг и може да ги ублажи загриженостите за отсуството на врвни кинески воени претставници на дијалогот Шангри-Ла, регионален форум за одбрана одржан за време на викендот во Сингапур.

Шји и Трамп во кинеската престолнина се согласија  дека ќе се стремат кон „конструктивен однос на стратешка стабилност“, што според мислењето на аналитичарите би можел да ги постави конкретните граници за интеракција меѓу силите.

„Оваа заедничка стратешка рамка ја поместува билатералната динамика надвор од реактивното управување со кризи кон внимателно, напредно градење стабилност“, рече Ванг Донг, професор по меѓународни студии на Универзитетот во Пекинг.

На состанокот во Шангри-Ла американскиот министер за одбрана Пит Хегсет предупреди на историското зајакнување на кинеските воени сили и ги повика азиските земји да ги зголемат своите трошоци за одбрана и воените капацитети.

Сепак, Хегсет инсистира дека односите меѓу САД и Кина се подобри отколку што биле во последните години за разлика од неговиот претходен говор на истиот форум, тој не го спомена Тајван, што сугерира дека Вашингтон го ублажил својот тон по контроверзното прашање.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1