Свет
Романскиот претседател тврди дека дронот што ја погодил зградата во Галати бил руски „Геран-2“
Дронот што падна врз зграда во романскиот град Галати во близина на украинската граница во ноќта меѓу 28 и 29 мај бил авион Геран-2 од руски дизајн, изјави денеска романскиот претседател Никушор Дан.
„Дронот што се урна во четврток вечерта во Галати е Геран-2 од руско потекло. Тоа е недвосмислениот заклучок на техничкиот извештај финализиран од романските државни експерти“, наведе Дан во порака на X, заедно со четири слики на кои наводно се гледа леталото.
При падот на дронот повредени и хоспитализирани беа 14-годишно момче и 53-годишна жена.
Руската амбасада во Букурешт го обвини Киев дека планира провокации, а претседателот Владимир Путин во петокот изјави дека „никој“ не може дефинитивно да го утврди потеклото на дронот додека не се спроведе темелна анализа.
Во својата денеска порака шефот на романската држава тврдеше дека е спроведена сеопфатна техничка анализа што ја покажува „единствената одговорност“ на Москва.
„На пронајдените фрагменти е идентификуван кириличниот натпис „ГЕРАН-2“. Анализата на електронските компоненти, навигациските системи, контролните модули, моторите и структурните елементи открива сличности, дури и идентични карактеристики, со оние на другите беспилотни летала Геран-2 претходно пронајдени на романска територија“, продолжи тој.
„Физичките и хемиските анализи го потврдија присуството на истите видови материјали и гориво како оние што постојано се идентификуваат во беспилотните летала од оваа серија“, додаде Дан.
Од почетокот на конфликтот во Украина, десетици беспилотни летала залутаа на романско тло.
Дронот што се урна во зградата во четвртокот вечерта влезе во романскиот воздушен простор во точниот момент кога руската армија ја напаѓаше Украина, нагласија романските власти.
„Врз основа на сериските броеви на компонентите пронајдени на местото, дронот несомнено е произведен во Русија“, изјави во петокот вечерта романскиот министер за одбрана Раду-Динел Мирута.
јуни 1, 2026
