Свет
Тедрос ги повика локалните заедници од ДР Конго активно да учествуваат во борбата против епидемијата на ебола
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска ги повика локалните заедници во централниот дел на Конго, најновото жариште на ебола, активно да учествуваат во борбата против епидемијата.
Британските медиуми пренесуваат дека Тедрос во четвртокот пристигна во Демократска Република Конго за да го координира одговорот на епидемијата на ебола, при што до вчера се регистрирани 1.028 сомнителни случаи.
„Заедниците подобро ги разбираат проблемите, а исто така ги знаат и решенијата“, изјави Тедрос за новинарите по пристигнувањето во Бунија, главниот град на покраината Итури, еден од епицентрите на епидемијата.
Тој рече дека е вклучена и меѓународната заедница, под водство на владата на ДР Конго.
„Во исто време, заедницата е важна. Затоа сме тука да разговараме со заедницата, да видиме како оди одговорот и да помогнеме доколку има предизвици“, додаде тој.
Откако во четвртокот пристигна во Киншаса, Тедрос повика на поголема меѓународна поддршка, велејќи дека СЗО досега обезбедила само една третина од потребните средства.
Француската хуманитарна организација „Лекари без граници“ (MSF) денеска предупреди дека најновата епидемија на ебола – 17-та од 1976 година – се шири екстремно брзо.
„Никогаш порано епидемијата на ебола немала толку многу случаи толку брзо по прогласувањето“, рече Алан Гонзалез, заменик-директор за операции на „Лекари без граници“.
Тој додаде дека бројот на медицински организации на терен и нивото на поддршка е сè уште значително под она што е потребно за ефикасен одговор на епидемијата.
Министерот за здравство на Конго, Самуел Роџер Камба, вчеравечер изјави дека 225 лица во Конго се потврдени како заразени со вирусот ебола.
Камба потсети дека во четврток во земјата имало 906 лица за кои се сомнева дека се заразени со вирусот ебола.
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека од прогласувањето на епидемијата на 15 мај, ДР Конго регистрира 10 потврдени и 223 сомнителни смртни случаи од ебола.
мај 31, 2026
