Connect with us

Свет

Амнести: Од почетокот на војната во Иран уапсени над 6.000 лица

Повеќе од 6.000 лица се уапсени во Иран од почетокот на војната пред три месеци, откри Амнести Интернешнл, пренесе ДПА.

Меѓу приведените од иранските власти има демонстранти, новинари, адвокати, дисиденти и членови на етнички малцинства, соопшти групата за човекови права во денеска објавениот извештај.

Во истиот период, во Иран беа извршени и 39 „политички егзекуции“, додаде групата.

„За да ја одржат својата власт, властите започнаа целосен напад врз луѓето во Иран, напаѓајќи го секој оној кој се осмелува да ја критикува Исламската Република, да споделува информации со надворешниот свет за воздушните напади на САД или Израел или кршења на човековите права или едноставно да се обиде да го пробие она што стана најдолгото регистрирано исклучување на интернетот за да комуницира со најблиските или да пристапи до независни информации“, рече експертот на Амнести, Ерика Гевара Росас.

Таа, пренесува ДПА, додаде дека населението веќе „страда од катастрофалните последици од незаконските воздушни напади на американските и израелските сили“.

Амнести остро го критикуваше речиси целосното исклучување на интернетот од страна на Иран, со што населението речиси три месеци се исклучи од глобалниот интернет. Ограничувањата вчера за првпат беа делумно укинати, пренесе ДПА.

„Затемнувањето на интернетот функционираше како централен столб на стратегијата за репресија на властите, создавајќи услови во кои широко распространетите злосторства според меѓународното право можат да се извршуваат неказнето“, се наведува во извештајот на АИ, пренесува германската агенција.

Ad
Ad