Свет
Трамп, пред изборите во Ерменија, со поддршка за премиерот Пашинјан
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека на парламентарните избори во Ерменија, што се закажани на 7 јуни, го поддржува премиерот Никол Пашинјан.
Трамп на сопствената мрежа „Трут соушл“ објави дека Пашинјан, кој се обидува да ги зајакне односите со Брисел и Вашингтон, ја има неговата целосна поддршка.
Тој додаде дека Пашинјан се залага за посилна, просперитетна и безбедна Ерменија.
Како Ерменија ги зајакнува врските со САД и со Европска Унија, а фаворит на претстојните избори е прозападната партија Граѓански договор на Пашинијан, додека поголемиот број од опозициски партии важат за проруски, реагира Москва и се закани дека ќе ги суспендира евтините енергенси за Ереван.
Пред два дена американскиот државен секретар Марко Рубио имаше кратка средба со шефот на ерменската дипломатија Арарат Мирзојан на меѓународниот аеродром Звартнок во Ереван. На средбата беше потпишан Договор за стратешко партнерство помеѓу САД и Ерменија. Тие потпишаа и рамковен договор за критични минерали и договор за соработка за предложен транзитен коридор од 43 километри што би поминувал низ јужна Ерменија и Азербејџан за да обезбеди директен пристап до нејзината енклава Нахчиван, а со тоа и до Турција, близок сојузник на Баку.
Кремљ, пред посетата на Рубио, соопшти дека Ерменија би можела да ја изгуби „многу привлечната“ цена што ја плаќа за рускиот гас ако се откаже од интеграцијата со Русија.
Москва вчера и се закани на Ерменија дека ќе го суспендира договорот за евтини енергенси ако Ереван го продолжи процесот за членство во Европска Унија.
– Амбасадата на Русија официјално испрати писмо во кое се наведува дека, доколку процесот на пристапување кон ЕУ продолжи, руската страна ќе го суспендира или еднострано ќе го раскине Договорот за соработка во снабдувањето со природен гас, нафтени производи и необработени дијаманти, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Ерменија, поранешна советска република, нема излез на море и во голема мера зависи од увозот на руски енергенси. Ереван минатата година увезол 2,7 милијарди кубни метри гас, од кои 82 проценти пристигнале од Русија.
Ерменија во 2015 година се приклучи на Евроазиската економска унија, доминирана од Русија. Но, Ерменија веќе две години покажува недоверба кон Москва, која е историски сојузник и снабдувач на оружје на Ереван. Русија сè уште има воена база на ерменска територија.
Ереван го обвинува Кремљ дека не ѝ даде доволна поддршка на Ерменија за време на вооружените конфликти во Нагорно-Карабах во 2020 и во 2023 година.
Ерменскиот парламент минатата година донесе закон што овозможува почеток на преговори за пристапување во ЕУ.
мај 28, 2026
