Свет
Папата се извини за улогата на Црквата во ропството и ја прогласи теоријата за „праведна војна“ за застарена
Папата Лав XIV во својата прва енциклика ги повика владите низ светот да го забават развојот на системите со вештачка интелигенција (ВИ), предупредувајќи дека тие шират дезинформации, поттикнуваат конфликти и се закануваат да го воведат светот во состојба на бесконечна војна, пренесува Хина.
Во опсежната енциклика насловена „Magnifica humanitas“ (Величествено човештво), првиот папа кој потекнува од САД упати низа страсни апели до светските лидери. Тој побара сопственоста над податоците за вештачката интелигенција да не се препушта исклучиво во приватни раце, креаторите на политиките да ги заштитат правата на работниците и децата од оваа технологија, и повика на смирување на конкуренцијата меѓу технолошките компании.
– Потребен е поактивен политички ангажман кој е способен да ги забави работите во време кога сè се забрзува – порача папата Лав XIV, барајќи „цврсти правни рамки, независен надзор, информирани корисници и политички систем кој не бега од својата одговорност“.
Енцикликите се еден од највисоките облици на поучување на папите, упатени до 1,4 милијарди верници на Католичката црква. Овој долгоочекуван текст содржи речиси 43.000 зборови и беше во подготовка речиси од изборот на папата пред нешто повеќе од една година. Ова е воедно и првпат во историјата еден папа лично да ја претстави својата енциклика пред јавноста.
Во документот, чија главна тема е етиката на вештачката интелигенција, папата ги осуди и бројните војни што го потресуваат светот, изрази жалење за слабеењето на мултилатералните организации и предупреди дека профитите на воената индустрија се главна движечка сила на конфликтите. Тој нагласи дека секоја употреба на ВИ во војувањето мора да биде подложна на најстроги етички ограничувања, нарекувајќи го „недозволиво“ доверувањето на смртоносните одлуки на автономни системи.
Исто така, папата Лав XIV изнесе и еден од најјасните ставови досега со кој не ја признава теоријата за „праведна војна“ – доктрина што Црквата ја користи уште од петтиот век за проценка на глобалните конфликти. На оваа доктрина, која вели дека војна може да се води само за одбрана од агресија, неодамна се повикаа и претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи го и потпретседателот Џеј Ди Венс (католик), за да ја одбранат војната во Иран.
– Теоријата за „праведна војна“, која премногу често се користеше за оправдување на секаков вид војна, сега е застарена. Употребата на сила, насилство и оружје одразува кршење во меѓучовечките односи, што секогаш има катастрофални последици за цивилното население, нагласи папата.
Осврнувајќи се на етиката, папата го цитираше својот претходник Лав XIII, кој во 1891 година во познатата енциклика „Rerum novarum“ повика на подобри плати и услови за работниците за време на индустриската револуција. Папата Лав XIV ги осуди „новите форми на ропство“ на луѓето кои ги одржуваат системите на ВИ и работниците во фабриките кои произведуваат технолошки уреди.
– Во некои региони во светот, децата и адолесцентите работат во опасни услови, дробејќи материјали од кои се извлекуваат ретки елементи. Телата на тие луѓе се полни со лузни, повредени и истоштени за компјутерскиот проток да може да продолжи без прекин, напиша тој.
Во историски гест, папата призна дека Католичката црква не го осудила силно трансатлантското ропство сè до 19. век и упати лична сочувствително извинување.
– Тоа е рана во христијанското сеќавање. Поради тоа, во име на Црквата, искрено барам прошка, истакна папата Лав XIV.
Повикувајќи се на библиската приказна за Вавилонската кула, тој апелираше до општеството да не се откажува од решавањето на опасностите што ги носи новата технологија и побара од сите „да ја напуштат изградбата на уште една Вавилонска кула и да ги здружат силите во градењето на заедничкото добро“.
мај 25, 2026
