Свет
СИПРИ: Бројот на мировен персонал на ОН преполовен во последните десет години
Меѓународните мировни мисии се загрозени бидејќи бројот на мировен персонал на Обединетите нации е преполовен во споредба со состојбата пред десет години, предупреди денеска Стокхолмски меѓународен институт за истражување на мирот, изразувајќи загриженост поради „драматичното слабеење“ на мултилатералното управување со конфликти.
Истражувачите во извештајот на институтот наведуваат дека бројот на припадници на мировните сили на Обединети нации и друг персонал распореден во слични операции во 2025 година паднал на најниско ниво во последните најмалку 25 години.
Според СИПРИ, на крајот од декември 2025 година во меѓународни мировни мисии биле распоредени 78.633 лица, што е за 49 проценти помалку отколку десет години претходно. Вкупно, во 2025 година дејствувале 58 меѓународни мировни мисии во 34 држави или територии, што е за три помалку од претходната година.
– Ако вака продолжи, би можеле да сведочиме на драматично слабеење на мултилатералното управување со конфликти и речиси целосно оттурнување на институции како Обединетите нации на маргините – изјави Јаир ван дер Лијн.
Ван дер Лијн оцени дека падот е последица на „совршена бура“ од финансиски, политички и геополитички фактори.
Една од главните причини е недостигот од две милијарди долари за финансирање на мировните мисии на ОН во 2025 година, соопшти СИПРИ. Клучните земји-донатори не ги исполниле навреме или целосно своите финансиски обврски, поради што ОН морале значително да го намалат бројот на персонал.
Ван дер Лијн предупреди и на долгорочните последици од ваквиот развој на настаните.
– Резултатот веројатно ќе биде повеќе конфликти, а тие конфликти ќе имаат уште потешки последици за цивилите бидејќи државите ги напуштаат одамна воспоставените норми – рече тој.
СИПРИ наведе дека сите десет земји кои предничат по бројот на воен персонал во мултилатералните мировни операции се од таканаречениот „глобален југ“. Уганда минатата година била најголем придонесувач со воен персонал, а потоа следуваат Непал, Бангладеш и Индија. На листата се и Руанда, Етиопија, Бурунди, Кенија, Пакистан и Индонезија.
мај 25, 2026
