Connect with us

Свет

Жестоки судири во Боливија при полициска акција за деблокада на патиштата кон Ла Паз

Жестоки судири избувнаа вчера во Боливија откако полицијата и војската презедоа акција за расчистување на патните блокади што синдикатите и демонстрантите ги поставија изминатите недели, јави ДПА повикувајќи се на локалните медиуми.

Полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои ги блокираа патиштата кон Ла Паз, објави весникот „Ел Дебер“, додека протестирачите возвратија со фрлање камења и пиротехнички средства кон полицајците и војниците.

Повеќе од три недели, рудари, земјоделци и поддржувачи на поранешниот социјалистички претседател Ево Моралес ги држат под окупација патиштата кои водат кон Ла Паз, каде што е седиштето на боливиската влада. Протестите предизвикаа сериозен недостиг на храна, гориво и други основни производи во градот.

Иако безбедносните сили вчера привремено ги расчистија блокадите за да овозможат премин на камиони и цистерни, локалните медиуми јавуваат дека набрзо потоа демонстрантите повторно ги подигнале барикадите.

Протестите се насочени против сè повисоките трошоци за живот, поскапувањето и недостигот на горива предизвикани од глобалниот скок на цените на енергенсите, како и против економската политика на актуелниот центристички претседател Родриго Пас. Тој стапи на власт во ноември, со што стави крај на речиси две децении владеење на левичарски влади во Боливија.

Оваа јужноамериканска држава со години е заглавена во длабока економска криза, која во повеќе наврати беше повод за масовни улични протести.

Претседателот Пас неодамна во телевизиско интервју изјави дека бара дијалог со незадоволните групи, но истовремено предупреди дека „сепак сè си има свои граници“.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1