Општини
Најдена пцовисана мечка на патот Маврови Анови – Дебар
Труп на кафеава мечка, која најверојатно била застрелана откриена е на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар. Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, информира дека вчера попладне околу 16:30 часот во Полициското одделение Маврово, одговорно лице од НП „Маврово“ го пријавило случајот.
– Според пријавата, на регионалниот пат Маврово-Дебар, на местото наречено „Криви мост“ покрај коритото на река Радика, била забележана угината мечка. Полициски службеници излегле на местото на настанот и било констатирано дека мечката имала влезна рана најверојатно од огнено оружје, рече портпаролот Реџепи.
Тој потврди дека по насоки на јавен обвинител, телото на животното ќе биде соодветно третирано од вработените на националниот парк, а по изготвувањето официјалниот записник за констатираната состојба ќе биде доставен до полицијата за понатамошно постапување.
За угинувањето на животното известени се и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за ловство.
мај 24, 2026

