Свет
Унгарија ја поништи одлуката за повлекување од Меѓународниот кривичен суд
Унгарскиот премиер Петер Маѓар соопшти дека неговата влада ја поништува претходната одлука на Будимпешта за повлекување од Меѓународниот кривичен суд (МКС), јави германската новинска агенција ДПА.
„Владата се откажува од намерата за напуштање на МКС“, напиша кусо Маѓар во објава на социјалната мрежа Икс, без да наведе дополнителни детали за ваквиот чекор.
Меѓународниот кривичен суд, чие седиште е во Хаг, од 2002 година ги процесира најтешките меѓународни злосторства, како што се геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото. Доколку Унгарија го реализираше повлекувањето, ќе станеше првата и единствена држава од Европската Унија што го сторила тоа.
Претходната унгарска власт, предводена од десничарскиот премиер Виктор Орбан, во април 2025 година објави дека има намера да се повлече од Римскиот статут – основачкиот договор на МКС, а во мај истата година парламентот го одобри тоа решение. Официјалното излегување на земјата требаше да стапи во сила на 2 јуни 2026 година.
Орбан ја донесе оваа одлука за време на тогашната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Будимпешта. Против Нетанјаху е издадена потерница од МКС за наводни воени злосторства извршени од израелските сили врз Палестинците во Појасот Газа. Пред самата посета, Орбан јасно стави до знаење дека Унгарија ќе ја игнорира наредбата за апсење, а тој и неговите министри го оправдаа излегувањето од Судот токму со налозите за приведување издадени против Нетанјаху и неговиот тогашен министер за одбрана, Јоав Галант, обвинувајќи го судот во Хаг дека „деградирал во политички инструмент“.
мај 24, 2026


