Connect with us

Свет

Сенатот на САД го блокира финансирањето за балската сала на Трамп во Белата куќа

Обидот на Конгресот на САД за усвојување на буџетското финансирање за Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) и Агенцијата за царинска и гранична контрола пропадна поради внатрешни спорови за дополнителните средства од една милијарда долари наменети за безбедносни мерки поврзани со балската сала на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа – пишува весникот „Гардијан“.

Покрај безбедносните мерки за балската сала, дополнителен пресврт во преговорите предизвика и спорниот план на Трамп за формирање фонд за компензација од 1,8 милијарда долари. Американскиот Сенат нема да успее да го изгласа предлог-законот во вкупна вредност од 70 милијарди долари пред крајниот рок на 1 јуни, кој го одреди американскиот претседател, со оглед на тоа што конгресмените, вклучително и републиканските сенатори, заминаа на одмор до крајот на месецот, без да ја стават точката на дневен ред.

Негативната реакција во Конгресот од страна на членовите на матичната партија на Трамп доаѓа како резултат на обидот на администрацијата да го поврзе финансирањето на неговиот проект за балската сала со парите наменети за имиграциската служба. Овој план предизвика силна загриженост кај републиканците, кои стравуваат дека пренасочувањето на парите на даночните обврзници кон „проектот за модернизација на Источното крило“ – во време на сериозни поплаки за високите трошоци за живот во САД – ризикува да ги одврати гласачите пред претстојните меѓуизбори во ноември.

Голем број конгресмени отворено се пожалија и на недостигот од конкретни заштитни механизми за трошење на средствата од фондот вреден 1,776 милијарда долари наменет за „жртвите на прогон“ од страна на Министерството за правда за време на мандатот на Џо Бајден, кој Белата куќа бараше да се усвои во пакет со имиграцискиот буџет, наведува „Индипендент“. Критичарите тврдат дека со овој фонд ќе се трошат државни пари за исплата на огромни суми на десетици веќе помилувани учесници во немирите во Вашингтон од 6 јануари 2021 година. Истовремено, остри критики претрпе и барањето на Трамп за дополнителна милијарда долари за обезбедување на објектот на балската сала и покрај неговите ветувања дека проектот ќе чини само 400 милиони долари и самиот ќе се финансира.

Како што коментира „Вашингтон пост“, речиси ниеден чекор на Трамп од неговото враќање на власт не предизвикал поголем отпор кај републиканците во Сенатот од одлуката на Министерството за правда да создаде фонд со кој ќе им се исплаќаат пари на граѓани што тврдат дека се жртви на федералната влада, без притоа да доставуваат детални докази. Овој скандал претставува неочекуван удар за републиканската стратегија за самостојно финансирање на граничните служби, без потпирање на гласовите на демократите. Неколку републикански сенатори веќе демонстрираат сè поголема подготвеност да му се спротивстават на претседателот.

Незадоволството на конгресмените се наталожува со недели. Како што наведува „Лос Анџелес тајмс“, многу републикански сенатори беа разочарани од одлуката на Трамп да поддржи алтернативни кандидати на внатрепартиските избори против долгогодишните функционери. Други, пак, изразија загриженост поради зголемените трошоци за живот на Американците предизвикани од војната во Иран. Одбивањето на републиканците да ја поддржат администрацијата е неочекуван потег, особено бидејќи Конгресот главно беше исклучен од процесот на носење одлуки за војната во Иран. Иако Трамп често ја тестира лојалноста на своите сопартијци во вториот мандат, контроверзниот фонд за компензации изгледа ја премина границата кај дел од сенаторите од партијата која традиционално се противи на неконтролираното трошење на државните пари.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1