Connect with us

Општини

Сертифицирана втората генерација социјални ментори во земјава

Втората генерација социјални ментори за работна интеграција денеска во Скопје беше сертифицирана по едногодишната работа со корисници на социјална помош, на кои им овозможувале поддршка за подобрување на нивната вработливост, ги насочувале кон пазарот на труд и ги поддржувале во процесот на вработување.

Како што информираат од „Паблик“, вкупно 53 лица биле вработени во текот на минатата година, на 67 им биле подобрени вештините за вработување, а 83 отсто од вработените се задржале на работните места. Повеќето од вработувањата се реализирани во приватниот сектор (86,6 отсто), а вработувањата во граѓанскиот сектор и самовработувањето се еднакво застапени со 5,7 осто од вработените менторирани лица. Најмалку вработувања имало во јавниот сектор (1,9 отсто). Повеќето од менторираните лица што не се вклучиле на пазарот на труд биле спречени поради недостиг на сервиси за грижа за деца, стари лица и лица со попречености, како и поради отсуство на транспорт до местата на кои живеат.

Климентина Илијевски, тим лидерка на проектот за активација на корисници на социјална помош и извршна директорка на „Паблик“,нагласила дека во разни делови на Македонија се соочиле со разни искуства.

– Исклучително беше важна поддршката на водителите на случај од центрите за социјална работа како партнери на социјалните ментори. Тие го спроведоа процесот на мапирање на лица што беа вклучени во менторскиот процес и имаа исклучително тешка задача – да ги препознаат поединците на кои навистина им значи да бидат дел од пазарот на труд – рече Илијевски.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани при доделувањето на сертификатите нагласил дека социјалните ментори имаат важна улога – да бидат поддршка, водич и мост помеѓу институциите и корисниците, со цел полесна интеграција на пазарот на труд и поголема социјална вклученост.

– Овој процес не претставува само формално признание за нивната посветеност и стекнато знаење, туку и потврда дека вложуваме во луѓе што директно ќе придонесат за поголема вклученост, поддршка и мотивација на најранливите категории граѓани. Особено е важно што преку овој пилот-проект се создадоа нови практики и механизми за индивидуален пристап кон корисниците во согласност со нивните реални потреби и потенцијали – рече Лимани.

Настанот се реализира во рамките на проектот „Социјално менторство за активирање на пазарот на труд на корисниците на гарантирана минимална помош“, кој го спроведува „Паблик“ во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1