Свет
Европската комисија го потпиша договорот SAFE со Романија вреден 16,68 милијарди евра
Европската комисија го потпиша договорот во рамките на безбедносниот инструмент SAFE со Романија, со што земјата добива пристап до 16,68 милијарди евра наменети за одбранбена и стратешка инфраструктура, соопшти романското Министерство за финансии. Ова е втор по големина одобрен кредит во Европската Унија преку овој инструмент, веднаш по оној на Полска.
„Преку SAFE, Романија не само што инвестира во одбраната и безбедноста, туку ја создава и можеби најважната можност во последните децении за поврзување на Молдавија со главната европска инфраструктура“, посочуваат од романското министерство.
Инструментот SAFE им овозможува на државите членки пристап до европски заеми под преференцијални услови за итни инвестиции во безбедноста. За Романија, финансирањето опфаќа набавка на воена опрема, развој на воени технологии, придружна инфраструктура и транспортни проекти од стратешко значење. Според планот доставен до Брисел, околу 4,2 милијарди евра се наменети за патна инфраструктура од национален интерес, додека остатокот ќе се искористи за одбранбени проекти. Воспоставен е и посебен механизам кој до 2031 година на граѓаните ќе им овозможи транспарентен увид во годишните инвестиции во автопатишта.
По стапувањето во сила на договорот, Европската комисија ќе ѝ исплати на Романија аванс од 15 проценти од заемот, односно околу 2,5 милијарди евра. Секоја транша, вклучително и претплатата, ќе има рок на доспевање од 45 години, со грејс-период од 10 години. Со средствата ќе управува Министерството за финансии, кабинетот на премиерот ќе врши општ надзор, додека институциите корисници ќе ги реализираат набавките преку Романскиот инвестициски план.
Вршителот на должноста премиер на Романија, Илие Боложан, преку социјалните мрежи истакна дека влогот не е само безбедноста, туку и способноста на земјата за домашно производство во партнерство со европската индустрија.
„Романија ќе биде побезбедна земја. Со опременост слична на другите армии на НАТО, се зголемува оперативната компатибилност во рамките на Алијансата за поконсолидирано Источно крило. Без овој кредит немаше да имаме финансирање за автопатиштата кон Молдавија. Поврзаноста е клучен услов за развојот, а завршувањето на работите на двата патни правци ќе го поддржи напредокот на северниот дел на Романија и економските односи со Молдавија и Украина“, потенцираше Боложан.
мај 22, 2026
