Свет
Протест во Даблин поради смртта на маж од Конго по насилно приведување за кражба
Стотици луѓе денеска протестираа пред ирскиот парламент, изразувајќи огорченост поради смртта на Ив Сакила, со потекло од Конго, кој почина откако минатата недела обезбедувањето го приведе пред една стоковна куќа во Даблин поради наводна кражба, соопшти полицијата.
Сакила (35) бил приведен на една од најпрометните трговски улици во главниот град на Ирска поради наводна кражба во продавница, соопшти полицијата. На местото на настанот тој ја изгубил свеста, а подоцна бил прогласен за мртов во болница.
На видеото од инцидентот, кое неколку дена подоцна се прошири на социјалните мрежи, се гледа како петмина мажи речиси пет минути го држат Сакила притиснат на земја додека минувачите набљудуваат. Двајца мажи му го држеле лицето притиснато на земја, а еден од нив, како што изгледа, во повеќе наврати со целата своја тежина клекнувал на неговата глава или врат по неколку секунди.
Демонстрантите пред парламентот извикуваа „Без заташкување, без одложување“ и „Правда за Ив, достоинство за сите“. Некои носеа транспаренти со натписи „Правда“ и „Cead mile failte“ („Сто илјади добредојдовте“ на ирски), со порака дека „добредојде“ мора да важи за сите. На еден рачно напишан транспарент пишуваше „Ив, твојот живот беше важен, животите на црните луѓе се важни“.
Инцидентот ги оживеа сеќавањата на случајот со Џорџ Флојд, Афроамериканец од Минеаполис кој беше убиен во 2020 година кога полицаец за време на апсењето неколку минути му клекна на вратот. Неговата смрт го покрена движењето „Black Lives Matter“ и протести ширум Соединетите Американски Држави против полициската бруталност и расизмот.
Сакила, за кого полицијата наведе дека бил во своите 30-ти години, се доселил во Ирска уште како дете, изјави Лоре Зоја, потпретседателка на организацијата Заедница на Конго во Ирска. Таа додаде дека малата заедница од Конго во земјата повеќе не се чувствува безбедно.
Пратениците во парламентот го опишаа видеото од инцидентот како „вознемирувачко“ и „потресно“. Ирскиот премиер Михал Мартин повика на темелна истрага и рече дека начинот на кој Сакила починал предизвикал голема загриженост во општеството.
Полицијата соопшти дека ги собрала снимките од надзорните камери и социјалните мрежи, како и дека сака да разговара со сите кои се наоѓале во близина на стоковната куќа „Арнотс“ (Arnotts), една од најпознатите во земјата, во времето на инцидентот за време на попладневниот метеж во петокот. Се додава дека е извршена обдукција, но дека резултатите засега нема да бидат објавени поради оперативни причини.
мај 22, 2026
