Свет
Путин: Задачите на вежбите на нуклеарните сили се целосно исполнети
Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека сите задачи за време на вежбите на руските нуклеарни сили се целосно исполнети, истакнувајќи дека Русија ќе продолжи да ги унапредува стратешките и тактичките нуклеарни капацитети, но оти нема намера да влегува во трка во вооружување.
– Важно е и понатаму да го подигнуваме нивото на подготвеност на стратешките и тактичките нуклеарни сили и да ги развиваме сите нивни компоненти. Притоа, како што веќе реков, немаме намера да бидеме вовлечени во трка во вооружување. Нашата нуклеарна тријада ќе остане на нивото на неопходната доволност – рече Путин.
Тој наведе дека Русија плански работи на развојот на нуклеарната тријада и оцени дека ракетните системи „Искандер“ за време на вежбите биле употребени на соодветен начин.
Путин истакна и дека интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“ може да ги совлада сите современи и перспективни средства за противракетна одбрана.
– Несомнено е дека ќе ја зголемуваме борбената подготвеност на другите видови и родови на војската и ќе ги увежбуваме борбените задачи земајќи ги предвид искуствата од специјалната воена операција – рече рускиот претседател.
Вежбата за употреба на нуклеарно оружје и негово обезбедување почна на почетокот на неделата, а во неа учествуваа Стратешките ракетни сили, Северната и Пацифичката флота, Командата на далечинската авијација, како и дел од силите на Ленинградскиот и Централниот воен округ. Како што беше наведено, станува збор за планска активност на Русија и Белорусија, која не е насочена против други земји, а чија цел е проверка на способноста за извршување на борбените задачи и унапредување на обученоста на воениот кадар.
мај 22, 2026
