Connect with us

Свет

САД ја избришаа експертката на ОН, Франческа Албанезе, од списокот со санкции

Соединетите Американски Држави ја избришаа Франческа Албанезе, независна експертка на ОН за палестинските територии, од својот список на санкционирани лица – покажуваат податоците на веб-страницата на американското Министерство за финансии.

Нејзиното отстранување од списокот доаѓа само една недела откако американски федерален судија привремено ги блокира санкциите утврдувајќи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп најверојатно го прекршила нејзиното право на слобода на говор наметнувајќи ги овие мерки откако таа ја критикува војната во Газа на американскиот сојузник Израел.

Албанезе е италијанска адвокатка, која ја извршува функцијата специјален известувач на ОН за палестинските територии окупирани од Израел. Во оваа улога таа претходно му препорача на Меѓународниот кривичен суд да поведе кривично гонење за воени злосторства против израелски и американски државјани, а автор е и на извештај во кој ги обвинува големите американски компании за соучесништво во израелската воена кампања.

Вашингтон воведе санкции за Албанезе во јули 2025 година, со кои ѝ беше забранет влез во САД и користење на тамошните банкарски услуги. Поради ова, сопругта и ќерката, која е американска државјанка, поднесоа тужба против администрацијата на Трамп во февруари.

Американскиот окружен судија Ричард Лион во Вашингтон на 13 мај пресуди дека престојот на Албанезе надвор од САД не ја поткопува нејзината заштита според Првиот амандман на американскиот Устав и дека администрацијата се обидела да го регулира нејзиното изразување поради искажан став или порака.

По оваа одлука, американската Служба за контрола на странските средства (ОФАЦ) потврди дека нема да ги применува санкциите додека судската наредба е во сила. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1