Свет
Лех Валенса: Политичкото статус кво може да се менува само по мирен пат, а не со насилство
Промената на сегашното политичко статус кво може да се предизвика исклучиво по мирен пат, а не преку насилство, изјави соосновачот на првото независно полско синдикално движење „Солидарност“, нобеловец и поранешен претседател на Полска, Лех Валенса, кој денеска беше одликуван со почесниот степен на Европскиот орден за заслуги, воведен од Европскиот парламент.
На брифингот со медиумите, Валенса нагласи дека светот се соочува со многу предизвици, но дека клучна улога играат меѓусојузничките коалиции кои можат да им се спротивстават на експанзионистичките амбиции на суперсилите како Кина и Русија.
Во однос на евентуалната промена на режимот во Москва, тој посочи дека руската владејачка елита може да биде сменета со мирни средства, но потенцираше дека е неопходно да се работи на промена на светогледот на самите граѓани. – Доколку целосно ја победиме Русија сега, таа повторно ќе се возобнови во иднина. Мораме да размислуваме за менување на менталитетот на рускиот народ – истакна поранешниот лидер на „Солидарност“.
Валенса, исто така, предупреди дека демократските структури во многу држави мора да се реформираат за да се спречи доаѓањето на популистички политичари на власт. Како едно од решенијата, тој предложи воведување можност мандатот на актуелните премиери и претседатели да може да биде одземен во секое време, доколку за тоа гласаат повеќе граѓани отколку што ги поддржале на изборите.
Европскиот орден за заслуги беше воведен од Бирото на Европскиот парламент во 2025 година, по повод 75-годишнината од Шумановата декларација, како признание за личности со извонреден придонес во европската интеграција и заштитата на европските вредности.
мај 20, 2026
