Connect with us

Општини

Санчез: Ромите се присутни во секоја европска земја и се соочуваат со слични предизвици, фокусот треба да биде на еднаквоста и нивна вклученост во разни политики

Претставникот на Шпанскиот национален ромски совет, Фабијан Санчез, претседател на Presencia Gitana, во разговор за МИА вели дека ромската заедница е најдискриминираната етничка група во Шпанија, но преку Националниот совет на Ромите, основан во Шпанија во 2005, се овозможува да се слушне нивниот глас во разни политики. Токму ова, како добра практика во Шпанија, тој ќе ја сподели и со македонските партнери.

Санчез е во посета на земјата на покана на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу, а во соработка со амбасадорот на Кралството Шпанија во земјата, Рафаел Соријано Ортиз, денеска присуствуваше на дискусијата посветена на прашања од значење за ромската заедница и процесите на европска интеграција.

– Ромите се присутни во секоја европска земја. Се соочуваме со многу слични предизвици и работи што треба да ги решиме. На пример, во Шпанија имаме многу проблеми во однос на антициганизмот и дискриминацијата. Ромската заедница е најдискриминираната етничка група во Шпанија. Но исто така се соочуваме со слични предизвици и во однос на домувањето, вработувањето или образованието. Но, покрај тоа, има голем фокус и на учеството и признавањето на Ромите бидејќи не станува збор само за инклузија – вели Санчез во разговорот за МИА.

Тој истакнува дека фокусот мора да биде и на еднаквоста и на учеството на Ромите во политичкиот, културниот, социјалниот и во економскиот живот. 

Според него, има многу предизвици што треба да се решат и кои, како што вели, за жал, ги споделуваат со други европски земји, како Северна Македонија.

– Денес, ќе презентирам една од добрите практики, а тоа е Националниот совет на Ромите, од кој и јас сум дел. Советот е основан 2005 година и е дел од шпанската влада. Тоа е канал за соработка и дијалог помеѓу ромското граѓанско општество и шпанската влада. Учеството на Ромите и гласот на Ромите во сите политики поврзани со Ромите е фундаментално за спроведување на разните стратегии – нагласува Санчез.

Посочува дека основата на стратегијата е овој канал на соработка, овој Национален совет, и тргнувајќи од тука, вели, можеме преку работни групи да се справиме со разните проблеми со кои се соочуваме, во однос на, како што посочува, еднаквоста, домувањето, а исто така и промовирањето на културата.

– Така што, ова е добра практика. Понатаму, во однос на вработувањето, на пример, го почнавме првиот план за вработување за периодот 2005 – 2028 година, со буџет специјално наменет за ромската заедница, што е нешто многу позитивно. Исто така, во однос на културата, на пример, треба да се истакнат и придонесот на Ромите во Шпанија за културното наследство. И ова е исто така нешто позитивно што ќе го објаснам денеска – рече Санчез.

Во однос на тоа како интеграцијата на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да придонесе и за подобрување на статусот и предизвиците со кои се соочува ромската заедница, Санчез оценува дека сите треба да се дел од заеднички иницијативи.

– Како што споменав, ние Ромите сме присутни во секоја земја од ЕУ и надвор од ЕУ. На пример, Деценијата за вклучување на Ромите 2005 – 2015 година, со која Северна Македонија претседаваше во текот на една година, беше многу добра иницијатива бидејќи седевме на иста маса, земји од ЕУ и надвор од ЕУ, споделувавме добри практики, соработувавме, заедно изработувавме планови. За жал, сега имаме разни рамки во ЕУ и надвор од ЕУ. Затоа мислам дека сите треба да бидеме дел од некои заеднички иницијативи – рече тој.

Според него, овој состанок денеска е многу важен бидејќи, како што истакна, по повеќе години можеме заедно да разговараме за теми поврзани со инклузијата и учеството на Ромите.

– Знам дека Владата на Северна Македонија учествува на многу форуми на ЕУ. На пример, за време на Неделата на Ромите минатиот месец во Брисел имав можност да се сретнам со министерот Салиу. Ова е многу важно за да се отвори оваа перспектива за соработка, за учество на форуми на ЕУ и надвор од ЕУ, за да се работи заедно и да се соработува. Затоа и овој состанок денес е многу важен бидејќи по повеќе години, можеме заедно да разговараме за теми поврзани со инклузијата и учеството на Ромите. Им честитам на Владата на Северна Македонија и на шпанската амбасада што го овозможија ова – истакна Санчез во разговорот за МИА.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1