Connect with us

Свет

Германија ја гледа Турција како доверлив партнер на патот кон ЕУ, но со почитување на копенхашките критериуми

Отворањето на Ормуската Теснина, перспективата за членство на Турција во Европската Унија, можноста за мировни преговори за Украина и соработката во рамките на НАТО беа главните теми на средбата во Берлин меѓу германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, и неговиот турски колега Хакан Фидан.

– Не сметам дека преговорите со Иран се во ќор-сокак. Верувам дека во моментов треба да се искористат сите дипломатски инструменти и дека двете страни имаат корист од конструктивен напредок – изјави Вадефул, нагласувајќи дека Иран не смее да биде закана за регионот и да поседува нуклеарно оружје.

Турскиот министер Хакан Фидан, исто така, се заложи за итно отворање на Ормуската Теснина и крај на војната во Персискиот Залив. – Во контакт сме со Пакистан и со САД за да придонесеме во преговорите. Имаме блиски односи и со Иран и го користиме тоа влијание. Желбата на меѓународната заедница час поскоро да се отвори Ормуската Теснина ни дава голема поддршка – истакна Фидан, додавајќи дека сериозни напори вложуваат и Катар, Египет и Саудиска Арабија.

Во однос на евроинтеграциите, Вадефул порача дека Германија ќе биде доверлив партнер за Турција, но потенцираше дека критериумите од Копенхаген, демократијата и владеењето на правото остануваат обврзувачки. Фидан од своја страна побара преговорите со ЕУ да не се поврзуваат со политички фактори. – Како што кажа и претседателот Ердоган, европската архитектура во која Турција го нема своето заслужено место ќе биде незавршена – изјави тој.

Вадефул ја посочи војната меѓу Русија и Украина како најголема закана за Европа и ѝ се заблагодари на Анкара за нејзините посреднички напори, додека Фидан нагласи дека е неприфатливо овој конфликт да продолжи веќе петта година по ред. Германија инаку е најголемиот трговски партнер на Турција во Европа.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1