Општини
Историските пораки на Разловечкото востание оживеаја низ креативноста на младите во делчевските училишта
Во Делчево продолжуваат активностите по повод одбележувањето на јубилејот – 150 години од Разловечкото востание, при што учениците преку историски часови, презентации, есеи и ликовна колонија ја негуваат историската меморија и го афирмираат значењето на првото организирано вооружено востание во Македонија..
Преку организирање квизови, видео презентации и есеи во сите воспитно образовни установи во Делчево беше претставена историската улога и значењето на Разловечкото востание пред ученици, наставници и претставници на локалната самоуправа и основните училишта.
Во рамки на одбележувањето, како што информираа од училиштето во село Разловци се одржа и ликовна колонија посветена на Востанието.
-Учениците твореа на сликарски платна со акрилни бои, инспирирани од природата и автентичната архитектура на селото. Под менторство на професорката Лиле Ѓеоргиевска, младите уметници преку своите дела дадоа придонес во зачувувањето и афирмацијата на историското и културното наследство на Пијанец. Делата ќе бидат изложени во Спомен-домот на Разловечкото востание – информираа од Општина Делчево.
Од училиштето посочија дека ваквите активности имаат цел да го поттикнат интересот кај младите за изучување на македонската историја и да ја негуваат историската меморија за значајните настани од националното минато.
-Историски час по повод јубилејот беше организиран и во ООУ „Св. Климент Охридски“, каде наставниците по историја Ѓоко Петровски и Влатко Атанасовски преку едукативна презентација го доближија значењето на Востанието до учениците и присутните гости. На настанот присуствуваа претставници од Општина Делчево, ученици и вработени во училиштето – додадоа од Општина Делчево.
Слични активности како што додаде се реализираа и во ООУ „Ванчо Прке“, каде преку презентации, историски факти и разговори беше нагласена улогата на Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски и поп Стојан во македонската национална борба за слобода.
Целта, како што подвлекоа, е младите да се запознаат со првото вооружено востание од предилинденскиот период и да развиваат чувство на почит кон историското, културното и националното наследство.
Централната прослава за одбележување на 150 години од Разловечкото востание ќе се одржи в понеделник и вторник (19 и 20 мај 2026), настан на кој е најавено присуство на висока владина делегација, а обраќање пред присутните ќе има и премиерот Христијан Мицкоски
мај 17, 2026
