Свет
Нетанјаху: Израел веќе контролира 60 проценти од појасот Газа
Израелските сили во моментов контролираат 60 проценти од појасот Газа, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Ова е прва официјална потврда за проширувањето на зоната контролирана од Израел во крајбрежната палестинска територија, опустошена од двегодишната војна меѓу Израел и радикалната палестинска група Хамас.
– Во изминатите две години му ја покажавме на целиот свет силата што ја поседуваат нашиот народ, нашата држава, нашата армија, нашето историско наследство – рече вчера Нетанјаху по повод Денот на Ерусалим, а изјавата денеска беше објавена од неговата канцеларија за медиуми.
„Ги вративме дома сите наши заложници, до последниот. Не отстапивме ниту педа земја. Некои ни велеа да се повлечеме, но ние не се повлековме и денес контролираме 60 проценти од територијата на појасот Газа. Во иднина ќе видиме“, додаде тој.
Овие изјави доаѓаат во време кога во Газа има секојдневни судири. Израелските напади во појасот удари продолжуваат без прекин, при што Израел и исламистичкото движење Хамас меѓусебно се обвинуваат за кршење на прекинот на огнот.
Прекинот на огнот стапи во сила на 10 октомври минатата година, две години по почетокот на војната која почна на 7 октомври 2023 година со терористичкиот напад на Хамас врз Израел. Првата фаза од примирјето вклучуваше ослободување на последните заложници во Газа, киднапирани од Хамас, во замена за Палестинци кои се држат во затвори во Израел.
Преминот кон втората фаза, која требаше да доведе до разоружување на Хамас и постепено повлекување на израелската армија до „жолтата линија“, сепак, изгледа во целосен застој веќе со недели. Таа линија го дели енклавата на зона под контрола на Хамас и територија контролирана од израелската армија. Условите за прекин на огнот му дадоа на Израел контрола на малку повеќе од 50 проценти од крајбрежната палестинска територија, која е меѓу најгусто населените во светот.
Според медиумските информации кои се појавија во последните недели, израелските трупи ја прошируваат оваа зона до новата линија наречена „портокалова“ и се подготвени да ги продолжат борбите доколку Хамас одбие да го положи оружјето.
Според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, над 850 Палестинци се убиени од склучувањето на договорот за прекин на огнот досега. Во истиот период, израелската армија соопшти за смртта на пет свои војници во Газа.
мај 16, 2026
