Свет
Тајван соопшти дека ќе ги продлабочи односите со САД по средбата меѓу Трамп и Шји
Тајванскиот министер за надворешни работи Лин Чиа-лунг изјави дека Тајпеј ќе ги продлабочи врските со Вашингтон. Тој го изјави ова по завршувањето на самитот меѓу претседателите на САД и Кина – Доналд Трамп и Шји Џјинпинг во Пекинг.
Претходно Трамп рече дека со Шји разговарал за продажбата на американско оружје на Тајван и оти наскоро ќе донесе одлука за ова прашање, кое е еден од најголемите извори на тензии меѓу САД и Кина.
Вашингтон е најважниот меѓународен поддржувач на Тајван. Кина го смета островот за своја територија и инсистира САД да престанат да му продаваат воена опрема на Тајпеј.
Лин Чиа-лунг на Фејсбук напиша дека многу Тајванци се „вознемирени“ од средбата на Трамп со Шји.
„Сакам да им порачам на сите дека јас и мојот дипломатски тим продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата и одржувавме добра комуникација со САД“, истакна Лин.
„Тајван зазема клучна геостратешка позиција и е одговорен и сигурен партнер на меѓународната заедница. Ние ќе продолжиме да ја продлабочуваме нашата соработка со САД и земјите во Индо-пацифичкиот регион со кои имаме слични ставови“, додаде тајванскиот министер за надворешни работи.
Лин потсети и на изјавата на државниот секретар на САД, Марко Рубио, дека американската политика кон Тајван останува непроменета. Трамп денеска го изрази истиот став пред новинарите во владиниот авион со кој замина од Пекинг.
мај 16, 2026
