Вести
МАГО: Редовните гинеколошки прегледи се клучни за навремено откривање и лекување на болестите
Жените треба да прават превентивни гинеколошки прегледи бидејќи навременото откривање болест значи и нејзино полесно излекување – истакнаа денеска од Македонската асоцијација на гинеколозите и опстетричарите – МАГО на одбележувањето на Неделата на женско здравје 2026.
Проф. д-р Глигор Тофоски од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и претседател на МАГО рече дека ако болеста се открие доцна, дури и најсовремените медицински методи некогаш не може целосно да помогнат.
– Годинава најактуелна тема сега и во светски рамки е онаа патологија што ја викаме полицистичен оваријален синдром, која од завчера на светско ниво се вика полиендокрино метаболистичко оваријално заболување, односно синдром, и со друг осврт се приоѓа на женското здравје не само од страната на овариумот туку од страната на тоа што овие жени – шест до 13 отсто од женската популација во репродуктивниот период го имаат како симптоми, и во можната појава на дијабетес тип 2, на зголемувањето на мастите, кардиоваскуларните заболувања, на лекување на инфертилитетот и други состојби. Освен темата за полиендокрино метаболистичко оваријално заболување, има и други теми. Има дел посветен на вискоризични бремености, хроничните уринарни тегоби и единствената вакцина против ХПВ, која може да помогне да се превенира и да се искорени цервикалниот карцином – рече проф.д-р Тофоски.
Специјалист д-р Илир Шурлани од Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир и член на Управниот одбор на МАГО, рече дека жените доаѓаат предоцна за преглед не затоа што немале симптоми, туку немале храброст и навика навреме да дојдат на преглед.
– Превенцијата спасува живот. Некои од болестите кај жените би можеле да бидат откриени многу порано и да бидат лекувани со еден редовен гинеколошки преглед. Особено значајно е да допреме до младите девојки и бремените жени. Грижата за сопственото здравје не треба да претставува страв, туку зрелост, одговорност и љубов кон себе и здравјето на семејството. Како здравствени работници имаме должност не само да ги лекуваме туку и да ги едуцираме, охрабруваме и да градиме заемна доверба. Да работиме заедно редовните гинеколошки прегледи да станат навика, а не само посета кога ќе има потреба – рече д-р Шурлани.
Додаде дека на преглед доаѓаат жени на кои им завршил репруктивниот период и кога се соочуваат со болки и принудно мора да дојдат.
Проф. д-р Елена Џикова од Клиниката за гинекологија и акушерство и член на УО на МАГО, рече дека според најновите демографски податоци од 2025 година, во Македонија се родени 15.500 новороденчиња, што значи дека државава бележи значителен пад во природниот прираст.
Посочи дека ако се навратиме една деценија порано, кога бројот на новороденчиња беше приближно 23.000, може да се види дека имаме значителен пад од 30 отсто за овие десет години и тоа треба да биде аларм што ќе нè наведе да имаме поголема грижа кон жените и целокупна поддршка во женското репродуктивно и семејно здравје.
– Во услови кога природниот прираст во државата е во значително опаѓање од особено значење се едукацијата и превенцијата на жените во сите фази од нивниот живот – од школските години, кога треба да научат како да го чуваат своето здравје, и особено во репродуктивниот период и во периодот на бременост, кога тие се најранливи. Редовните акушерски прегледи во текот на бременоста се многу важни бидејќи современата медицина нуди нови методи за предикција и превенција на разни компликации што може да се создадат и не само да се спречат туку и да се појават во поблага форма со цел да се заштити здрвјето на мајката и новороденчето. Здравјето на жената е темел на секое општество и на секој дом и семејство, а новородечињата се и надеж за ново утре во нашата држава – додаде проф.д-р Џикова.
Одговарајќи на новинарско прашање, Тофоски рече дека цело време се обидуваат да излобираат патот на жените при дијагноза на карцином од каков било тип да биде по забрзана лента, пристапот на пациентките во каква било состојба да биде лесен да може да стигнат до соодветен специјалист или супспецијалист во одредената област. Тој нагласи дека точно е дека во одредени региони во Македонија нема доволно матични гинеколози, но нашиот систем остава голема слобода, така што може да живеете во Охрид, а имате матичен гинеколог во друг град, во Скопје или обратно, да живеете во Скопје, а матичниот гинеколог да ви е во Охрид.
– Не е дека има недостапност на матични гинеколози, мислам дека жените треба да ги научиме да доаѓаат превентивно на прегледи. Тука се отвора проблемот за наплата од матичните гинеколози за одредени услови што државата треба да ги загарантира, а не ние да кажуваме – само државата дава бесплатни прегледи, туку таа навистина да ги даде оние што се суштински по медицина базирана на докази. Тоа не значи дека жените треба да одат нонстоп на доктор. Ако е докажано дека ПАП-тестот е доволно да се прави еднаш на три години или ХПВ-типизацијата на возраст над 30 години еднаш на пет години да се прави, тогаш државата треба тој сегмент да го покрие. Сè тоа што е помеѓу треба да се најде начин да се модификува на некој начин и да се овозможи пристап на жените, меѓутоа тоа да биде поинаку структурирано – додаде проф.д-р Тофоски.
мај 16, 2026
