Свет
(Видео) Американската крајбрежна стража заплени кокаин вреден над 61 милион долари
Американската крајбрежна стража соопшти дека пресретнала бродови на осомничени шверцери на дрога, кои превезувале наркотици во вредност од повеќе од 61 милион долари.
Крајбрежната стража наведе дека трите пловни објекти биле запрени на 8 мај, на речиси 145 километри од Картагена, во Колумбија.
Според соопштението, на бродовите биле пронајдени речиси 2,8 тони кокаин, чија вредност само за таа пратка се проценува на повеќе од 45 милиони долари.
Еден од бродовите не ги почитувал наредбите за запирање по што бил онеспособен со „прецизен снајперски оган насочен кон моторите“, соопшти американската служба.
Осомничените шверцери потоа скокнале во морето, а екипажот на хеликоптерите фрлил средства за спасување по што лицата биле извлечени без пријавени повреди.
„Другите два брода застанаа по наредба на екипите на крајбрежната стража“, се наведува во соопштението.
Во видеоснимка објавена од службата се гледаат три брода во пламен по завршувањето на операцијата.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп применува построг пристап кон шверцот на дрога од Јужна и Централна Америка, а во последните месеци повеќепати се известува за слични операции, кои често завршуваат со жртви.
Американските власти како правна основа за ваквите акции го наведуваат прогласувањето на наркокартелите за терористички организации.
Критичарите, пак, го оспоруваат правото за изведување смртоносни операции во меѓународни води оценувајќи дека тие може да бидат спротивни на меѓународното право.

