Свет
Макрон: Русија со нападите врз цивили ја покажува својата слабост
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го осуди масовниот руски напад со дронови и ракети врз Украина, оценувајќи дека тој претставува доказ за „слабоста“ на Москва, која „не знае како да ја заврши својата агресивна војна“.
– Со извршувањето нов масовен удар со дронови и ракети врз украински градови и цивили – најголем во последните четири години – Русија дополнително го отежнува злосторството на својата агресија – напиша Макрон на платформата „Икс“.
Тој оцени дека Москва го покажува целото свое лицемерие со кое ги водела преговорите за кревкиот прекин на огнот во последните денови. Според францускиот претседател, со бомбардирањето цивили, Русија не ја демонстрира својата сила, туку својата слабост, бидејќи ги исцрпила решенијата на бојното поле и не знае како да ја заврши војната. Макрон додаде дека Франција останува со Украина со цел да помогне во постигнувањето „праведен и траен мир“.
Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала 675 дронови и 56 ракети, од кои биле соборени 652 дрона и 41 ракета. Ова претставува еден од најголемите воздушни напади во последните неколку недели.
мај 15, 2026
