Општини
Велковски во посета на Центарот за социјална работа во Велес: Помошта да стигне до оние на кои им е најпотребна
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денес оствари работна посета на Центарот за социјална работа во Велес, со цел на лице место да изврши увид во спроведувањето на задолженијата поврзани со постапките за остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош и правото на социјална сигурност за старите лица, соопшти Министерството.
-Во рамки на активностите, центрите за социјална работа имаат обврска итно и координирано да спроведат проверка, утврдување и потврдување на статусот и исполнувањето на условите кај корисниците на овие права, се вели во соопштението.
Согласно законските рокови, додаваат од Министерството, директорите на центрите формираат стручни тимови составени од социјални работници и други стручни лица кои ги повикуваат корисниците, вршат непосреден увид преку разговор и проверка на документација, ја утврдуваат фактичката состојба и предлагаат мерки согласно закон.
-Нашата цел е јасна – средствата предвидени за социјална заштита да стигнат до оние на кои навистина им се најпотребни. Само со одговорен, транспарентен и професионален пристап можеме да изградиме систем кој ќе биде праведен и ефикасен за сите граѓани, истакнал Велковски.
мај 15, 2026
