Вести
Сиљановска-Давкова ја отвори Народната канцеларија во Скопје, ново катче за младите, возрасните и за пензионерите
Со порака за достапност и блискост до граѓаните, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја отвори Народната канцеларија на претседателот во Скопје на улицата Димитрие Чуповски бр. 7. Таа истакна дека новото катче е создадено за да биде отворено место за сите – младите, возрасните и пензионерите – каде што ќе се развиваат дијалог, дебата и демократска култура.
– Мислев дека е време уште едно место тука во центарот на градот да им биде во секое време достапно на граѓаните. Водно е далеку, не сите луѓе може да стигнат таму, комплицирано е. Но тука секој ден врват, затоа мислевме дека е добро оваа канцеларија да биде место на кое ќе може секој да тропне, да влезе, да се распраша што може да направи – посочи таа.
Претседателката откри дека најголема инспирација добила од младите.
– Најголема инспирација добив од средбата со младите кога гледам дека овој простор пулсирал, многу млади се обраќале и во основните и во средните училишта и на факултетите. Има таленти што не може својот талент да го изразат на својот начин токму поради тоа што е тешко да се дојде до простор и мислевме зошто овде да нема изложби, дебати, концерти, плакати, да има едно катче, простор каде што ќе се менуваат на волонтерска основа оние што се овде – образложи Сиљановска-Давкова
Таа најави дека вакви канцеларии ќе се отвораат и во други градови.
– Ова е почеток, јас имам намера и во другите градови да отвориме, да позајмиме или да побараме простор од градоначалниците за да може, кога ќе одиме во други општини, таму граѓаните да стапат во контакт со нас – рече таа.
Посочи дека очекува проекти и барања.
– Ние сме подготвени да одговориме на тоа, очекувам да работиме тимски, очекувам успех, очекувам нешто што ќе вроди со плод, дијалог, дебата, едно демократско катче – порача таа.

