Connect with us

Свет

Министрите на земјите од БРИКС на средба во Њу Делхи, забележлива поделба околу војната во Иран

Министрите за надворешни работи на земјите членки на БРИКС го почнаа дводневниот состанок во Њу Делхи во време кога блокот кој се шири, се соочува со поделби околу војната во Иран, растечките цени на енергенсите и сè поголемата економска неизвесност.

На состанокот учествуваат дипломати од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка заедно со поновите земји членки. Се одржува во време кога војната во Иран го наруши глобалното снабдување со енергенси и ги подигна цените на нафтата, а неговото одржување се совпаѓа со состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Пекинг.

На состанокот присуствуваат и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Кина ја претставува амбасадорот Су Феихонг, додека кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји остана во Пекинг за време на посетата на Трамп.

Во центарот на разговорите на шефовите на дипломатиите на БРИКС ќе бидат енергетската безбедност, судирот на Блискиот Исток и трговијата во локална валута.

БРИКС го формираа Бразил, Русија, Индија и Кина како групација на водечките растечки економии видени како противтежа на институциите предводени од западните земји како што е Г7. Јужна Африка се приклучи во 2010 година и блокот се прошири понатаму во 2024 година со вклучувањето на Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати. Индонезија стана полнopравна членка во 2025 година.

Групата настојуваше да го прошири своето влијание залагајќи се за поголема улога во глобалниот поредок со кој долго доминираа САД и нивните западни сојузници. Доби поддршка ширум делови на глобалниот југ каде многу земји ги критикуваа финансиските институции предводени од Западот.

Меѓутоа, земјите на БРИКС остануваат поделени околу клучните прашања, коментираат светските агенции.

Индија и Кина продолжуваат да се натпреваруваат за регионално влијание, додека земјите членки често се разликуваат во своите врски со Западот. Руската војна во Украина дополнително ги изложи тие разлики.

Проширувањето на блокот исто така додаде напнатост. Конкурентните регионални интереси дополнително ја отежнаа можноста за заземање на обединет став.

Поделбите дополнително се заострија за време на растечкиот судир на Блискиот Исток. Иран и Обединетите Арапски Емирати се членки на БРИКС иако имаат конкурентни интереси во регионот.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран вчера изјави дека несогласувањата внатре во БРИКС околу судирот го спречиле блокот да дојде до обединет став. Казем Гарибабади за индиската новинска агенција ПТИ изјави дека една земја членка се залагала за осуда на Иран, што ги компликувало напорите да се изгради консензус во групата.

– Сакаме индиското претседавање со БРИКС да биде успешно. Не е добар пристап да се испраќа сигнал до светот дека БРИКС е поделен. Една земја инсистира на осуда на Иран – рече Гарибабади

Маркетинг
Ad 1
Ad 1