Connect with us

Свет

Рубио: Куба е контролирана од компанија во сопственост на армиски генерали

Американскиот државен секретар, Марко Рубио, повторно остро ја критикуваше кубанската Влада, велејќи дека земјата е „контролирана од компанија во сопственост на армиски генерали“, во услови на зголемен притисок од Вашингтон врз Хавана.

Во интервју за Фокс њуз, Рубио рече дека „богатството во Куба е контролирано од компанија во сопственост на генерали кои ги држат сите пари“.

Тој додаде дека Кубанците „буквално јадат ѓубре на улиците“, додека наведената компанија има средства вредни околу 16 милијарди долари.

Вашингтон минатата недела воведе санкции за кубанскиот конгломерат „Grupo de Administración Empresarial“ (GAESA). Според американската администрација, мерките се дел од напорите за ограничување на економските ресурси на кубанските власти, во услови на закани од Доналд Трамп за построг пристап кон островската нација.

„Овие одлучувачки мерки се дизајнирани да ја заштитат американската национална безбедност и да им го одземат пристапот на комунистичкиот режим и кубанската војска до нелегалните средства“, рече Рубио.

Тој додаде дека „на само 90 милји од територијата на САД, кубанскиот режим го довел островот до пропаст и го трансформирал во платформа за странски разузнавачки, воени и терористички операции“.

„Во следните денови и недели може да се очекуваат дополнителни санкции“, предупреди државниот секретар.

Според американскиот Стејт департмент, ГАЕСА контролира околу 40 проценти од кубанската економија во корист на „корумпираните елити“ додека земјата доживува тешка економска криза.

На 1 мај, Трамп потпиша извршна наредба со која се прошируваат санкциите против Куба на практично сите странски поединци и компании кои работат со Хавана, особено во енергетскиот, одбранбениот, безбедносниот и финансискиот сектор.

Мерките следат по нафтено ембарго против Куба воведено во јануари. Трамп рече дека САД би можеле „речиси веднаш“ да ја преземат контролата врз ситуацијата на островот и навести можно распоредување на носачот на авиони со нуклеарен погон „Абрахам Линколн“ во карипскиот регион.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1