Фудбал
Адвокат се врати на клупата на Курасао
Холандскиот стратег Дик Адвокат денеска повторно е назначен за селектор на Курасао и на претстојното Светско првенство ќе стане највозрасниот тренер во 96-годишната историја на мундијалските турнири.
Враќањето на 78-годишниот Адвокат, три месеци откако поднесе оставка поради здравствени проблеми на неговата ќерка, официјално го потврди Фудбалската асоцијација на Курасао, ден откако неговиот сонародник Фред Рутен ја напушти функцијата.
СП 2026 ќе биде трето во кариерата на Адвокат, кој ќе го урне рекордот на Германецот Ото Рехагел како највозрасен селектор во историјата на мундијалските турнири. Рехагел беше на возраст од 71 година кога ја предводеше Грција на СП во Јужна Африка во 2010 година.
Адвокат претходно ја предводеше Холандија на Светското првенство во 1994 година, а потоа и Јужна Кореја во 2006 година.
Курасао, карипски остров под автономен статус на Холандија, стана најмалата држава според бројот на население која ќе настапи на Светското првенство во фудбал и ќе дебитира на турнирот што ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико.

