Свет
Црвен крст: Хуманитарна ситуација во Колумбија минатата година најлоша во изминатата деценија
Хуманитарната состојба во Колумбија минатата година била најтешка во последната деценија, се наведува во вчера објавениот извештај на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Црвениот крст документирал дека во 2025 година во земјата биле убиени или тешко ранети 965 лица, што претставува зголемување од 34 проценти во споредба со годината претходно. Бројот исчезнати лица поврзани со конфликтот се удвоил и достигнал 308 случаи, додека биле регистрирани 845 наводни прекршувања на меѓународното хуманитарно право.
Бројот индивидуално раселени лица исто така е двојно зголемен, при што повеќе од 235 илјади луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
„Хуманитарната состојба во 2025 година е резултат на постепено влошување на кое Црвениот крст предупредува уште од 2018 година“, изјави Оливие Дубоа, шеф на Регионалната делегација на организацијата во Богота.
Според извештајот, вооружените судири се интензивирале и во многу случаи се одвивале во населени места или во близина на цивилна инфраструктура, изложувајќи ги заедниците на зголемена опасност. Околу 175 илјади луѓе биле принудени да живеат под неформален полициски час наметнат од вооружени групи.
Граѓанската војна во Колумбија во која учествуваа левичарски бунтовници, десничарски паравоени групи и владини сили, траеше 52 години, при што загинаа околу 220 илјади луѓе, а милиони беа раселени.
Иако најголемиот дел од припадниците на поранешната герилска група ФАРК се разоружаа по мировниот договор со владата во 2016 година, дел од отцепените фракции и натаму се активни, често поврзани со криминални активности.
мај 13, 2026
