Свет
Во експлозија на гас оштетени десетина куќи во Сао Паоло, повредени три лица
Пожар предизвикан од експлозија на гас оштети околу десет куќи и повреди три лица во Сао Паоло, најголемиот град во Бразил, соопшти синоќа локалната противпожарна служба, пренесува ДПА.
Снимките од локалните медиуми покажаа уништени покриви и чад во областа Џагуаре, околу 16 километри од центарот на Сао Паоло.
Противпожарната служба на државата Сао Паоло објави на Икс дека испратила 12 противпожарни возила на терен за да го изгаснат пожарот, додавајќи дека инцидентот веројатно е предизвикан од експлозија на течен нафтен гас (LPG), пренесе ДПА.
Портпаролката на противпожарната служба подоцна им изјави на локалните медиуми дека двајца мажи и една жена се спасени со полесни повреди и дека нема жртви.
„Неколку згради беа погодени. Немаме точен број, но веруваме дека околу десет беа директно погодени“, рече таа, пренесена од ДПА.
мај 12, 2026
