Свет
ЕУ усвои нови санкции поради нелегалната депортација на украински деца
Министрите за надворешни работи на ЕУ усвоија санкции против 16 лица и седум организации одговорни за депортацијата и присилно посвојување украински деца во Русија.
Одлуката „ги таргетира одговорните за систематската нелегална депортација, присилното преместување, присилната асимилација, вклучително и индоктринација и милитаризирано образование, на украински малолетници, како и нивното нелегално посвојување и преместување во Руската Федерација и привремено окупираните територии“, се вели во денешното соопштение.
Санкциите вклучуваат замрзнување на средствата и забрана за пристап до ЕУ.
Европската комисија тврди дека околу 20.000 украински деца се однесени во Русија или нејзините окупирани територии од почетокот на целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година, при што многу од нив биле принудени да го променат својот идентитет и државјанство и биле дадени на посвојување.
И покрај меѓународните напори, досега се вратени само околу 2.100 деца.
Санкцираните организации вклучуваат групи блиски до руското Министерство за образование одговорни за „проруска индоктринација, вклучително и преку патриотски настани, идеолошко образование и милитаризирани активности“. Санкционираните лица „вклучуваат функционери и политичари од териториите нелегално окупирани од Русија, како и разни лидери на младински кампови и воено-патриотски клубови и организации“, се вели во соопштението.
„Тие се одговорни за промовирање на патриотско и воено образование кај младите луѓе преку идеолошка индоктринација, запознавање со руската воена култура, паравоена обука и учество во настани што ја слават руската агресија“, се додава во документот.
мај 11, 2026

