Свет
Тајани: ЕУ, а не Русија, ќе го избере својот преговарач за Украина
Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека Европска Унија ќе одлучи кој ќе биде нејзин преговарач на евентуалните преговори со Русија за прекин на војната во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин за време на викендот изјави дека би сакал посредник да биде поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.
Шредер има врски со Кремљ, бидејќи беше лобист за руски државни компании и никогаш јавно не ја осуди руската инвазија врз Украина.
– Европа ќе го избере европскиот преговарач, а не Русија – изјави Тајани по пристигнувањето на Советот на министри за надворешни работи во Брисел.
– Тоа ќе биде колективна одлука на земјите членки на ЕУ. Во меѓувреме, треба да видиме дали Русија навистина сака мир. Се надевам дека е така – додаде тој.
На прашањето дали претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта би можел да биде преговарачот на ЕУ, Тајани одговори дека станува збор за „престижно име“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас исто така денеска го отфрли учеството на Шредер.
– Не би било особено мудро да ѝ дадеме на Русија право да назначува преговарачи во наше име – изјави Калас.
– Герхард Шредер беше високопозициониран лобист за руски државни компании. Јасно е зошто Путин сака тој да биде посредник – за да седи од двете страни на преговарачката маса – додаде таа.
мај 11, 2026

