Connect with us

Вести

Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот Кабинет

Во дворот на претседателскиот Кабинет, во присуство на основци од скопските училишта „Владо Тасевски“, „Димитар Миладинов“, „Исмаил Ќемаљи“ како и од „Блаже Конески“ од Прилеп, денеска се одржа церемонија на менување на државното знаме.

Учениците љубопитно и со почит ја проследија свеченоста што традиционално ја реализира Баталјонот за почести при Армијата, а потоа ги разгледаа просториите на Кабинетот, се запознаа и разговараа со претседателката за нивните желби, амбиции и училишни активности, како и за потребата од поголема грижа за личното здравје и животната средина, за другарувањето и негувањето на бон-тонот во секојдневната комуникација.

Низ разговорот и детските прашања се чувствуваше остроумноста на генерацијата којашто умее внимателно да набљудува и критички да размислува. Младите гости со зрелост, што на моменти ја надминуваше нивната возраст, изразија интерес за: предизвиците на претседателската функција, за омилените книги и хобија на претседателката, за традициите и културата, за убавините на македонските градови и села.

Сиљановска-Давкова ги охрабри да учат, да го негуваат истражувачкиот дух и да веруваат во своите способности, бидејќи секое успешно општество почива врз образовани, доблесни и емпатични млади луѓе, подготвени одговорно да придонесуваат за заедницата.

На крајот од посетата, учениците ѝ подарија на претседателката прекрасни ракотворби, како потсетник на денешната средба, исполнета со ведрина, насмевки и ветување за ново дружење.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1