Вести
Мисајловски со претставници од Европската служба за надворешни работи: Ја зајакнуваме соработката со цел поголема безбедност за нашите граѓани
Министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со делегација од Европската Унија предводена од Космин Добран, директор на Директоратот за мир, партнерство и кризен менаџмент при Европската служба за надворешни работи (EEAS), на која, како што информираат од Министерството, била потврдена заемната посветеност во делот на зајакнување на одбранбената соработка.
Средбата во Министерството за одбрана, која била иницирана од страна на Европската служба за надворешни работи, е дел од воспоставениот дијалог на ЕУ и Македонија во доменот на одбраната и безбедноста и, како што информираат, ја потврдува и зајакнува јасната подготвеност на ЕУ за продлабочување на соработката со нашата земја во областа на безбедноста и одбраната.
Мисајловски, се вели во соопштението, рече дека денешната средба непосредно пред 9 Мај – Денот на Европа дава дополнителна симболика и позитивна димензија на дијалогот и на заедничка посветеност на европските вредности.
– Македонската Влада има јасна и недвосмислена цел – зајакнување на нашата соработка во областа на безбедноста и одбраната, како и заедничко справување со современите предизвици – нагласи Мисајловски.
Министерството за одбрана, се вели во соопштението, останува целосно посветено на партнерството со ЕУ.
– Наша цел е да продолжиме да ја зајакнуваме соработката кон поконкретна и пооперативна фаза, преку нови проекти и програми. Министерството за одбрана останува целосно посветено на партнерството со ЕУ. Како НАТО-членка и земја кандидат за членство во ЕУ, нашата амбиција е да бидеме уште поактивно вклучени во европските одбранбени иницијативи – рече Мисајловски.
Мисајловски исто така упатил благодарност за трите пакети на поддршка преку Европскиот мировен фонд, како и другите финансиски механизми, кои се дополнителна поддршка во делот на зајакнување на македонските армиски капацитети.
Директор на Директоратот за мир, партнерство и кризен менаџмент при Европската служба за надворешни работи, Добран, на денешната средба посочил дека ЕУ е подготвена за зголемување на соработката во овој домен и дека воената мобилност е од особено значење за поголема ефикасност и зголемување на отпорноста.
Добран исто така информирал дека ЕУ во делот на одбраната и безбедноста ги разгледува можностите за нова поддршка во опрема за Армијата во наредниот период.
Европската Унија преку иницијативите и механизмите досега има донесено одлуки за неколку пакет-мерки за поддршка на Армијата во висина од 40 милиони евра.
На денешната средба присуствуваа и Емануел Џауфрет, заменик-директор за Западна Европа, Западен Балкан, Турција, Источен Медитеран и Обединето Кралство при EEAS, и евроамбасадорот Михалис Рокас.
мај 8, 2026

