Вести
Мицкоски за реконструкција на Владата: Правиме анализи, ќе ги слушнеме ставовите на коалициските партнери, не е ислучено приклучување и на други партии
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека привршува внатрепартиската реорганизација и очекува во јуни да се работи на усогласувањето на ставовите за тоа како ќе изгледа Владата во иднина. Вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со свој став, но дека сака да ги слушне и позициите на другите коалициски партнери. Не ја исклучува можноста за приклучување и на други партии во владината коалиција.
Прашан дали веќе има констатирано кој не ги исполнува очекувањата во Владата, Мицкоски рече дека „сè уште немаме длабински разговарано, но правиме анализи“.
– Правиме анализа, се разбира. И јас лично, но и луѓето од мојот кабинет, имам некакви индикации, така што јуни доаѓа, па тогаш ќе имаме повеќе детали – изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по Германско-македонскиот бизнис-самит 2026, во организација на АХК Северна Македонија.
Во однос на тоа дали ќе има прераспределба на политичката моќ во ресорите во Владата, со оглед дека ЗНАМ има еден пратеник помалку, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ прави анализи и ќе излезат со свој став, но би сакале да ги слушнат и ставовите на другите коалициски партнери.
– Ние како коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според мене, на овие преговори ќе излеземе со наш став и тој став, пред сè, се должи на нашите анализи. Би сакале да ги слушнеме и ставовите на другите коалициски партнери и се надевам дека како стратешка коалиција и понатаму ќе продолжиме успешно да ја водиме македонската Влада – изјави Мицкоски.
Мицкоски не ја исклучува ниту можноста на владината коалиција да ѝ се приклучат и други партии. Прашан дали е можно и други партии да ѝ се приклучат на коалицијата, Мицкоски одговори „Сè е можно, да“.
Прашан дали министерот Фатмир Лимани и понатаму ќе остане во Владата, Мицкоски рече дека тоа ќе треба да го одговори раководството на коалицијата „Вреди“ за која посочи дека е стратешки партнер во рамките на Владата.
– Тоа ќе треба да го прашате раководството на коалицијата „Вреди“, која, претпоставувам, и понатаму ќе биде дел од Владата бидејќи за нас таа е стратешки партнер во рамките на Владата, така што ова прашање можеби би требало да го упатите таму – изјави Мицкоски.
мај 7, 2026

