Connect with us

Вести

Тошковски: Силни институции значат сигурни граѓани, а полицијата е тивката сила на државата

Силата на една држава се гледа преку силата на нејзините институции. Кога институциите функционираат, граѓаните имаат чувство на сигурност, доверба и ред. Токму затоа улогата на македонската полиција денес е исклучително значајна, особено во време на комплексни безбедносни предизвици и нови закани што не познаваат граници – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција, на свеченоста што се одржа во кругот на Министерството за внатрешни работи. 

Според Тошковски, државата во изминатиот период демонстрирала капацитет за справување со криминалот, при што минатата година е забележано намалување на вкупниот криминалитет за повеќе од шест проценти.

– Сузбиени се 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица- истакна тој додавајќи дека и во борбата против корупцијата се реализирани значајни постапки, вклучително и случаи од висок профил.

Во делот на модернизацијата, Тошковски информира дека се реновирани управните служби во Скопје, отворени се осум нови во државата, а се воведуваат и дигитални решенија за побрзи услуги. Тој најави и нови инфраструктурни проекти, меѓу кои новата полициска станица во Аеродром и веќе пуштениот во употреба објект во Бутел.

По повеќе од 15 години, набавени се 120 нови современи службени возила, а оваа година почнува со работа и Средното полициско училиште, што министерот го оцени како „инвестиција во иднината на македонската полиција.

Посебен акцент беше ставен на безбедноста во сообраќајот и на проектот „Безбеден град“, кој, според министерот, веќе дава конкретни резултати со намалување на прекршоците и бројот на жртви.

– Безбедноста е предуслов за нормално функционирање и развој на секое општество. Кога има безбедност, има доверба, има инвестиции, има слобода и има простор државата да оди напред – рече Тошковски.

Во своето обраќање министерот истакна дека 7 Мај е ден посветен на сите полициски службеници, кои секојдневно, одговорно и професионално стојат во заштита на безбедноста на граѓаните, а упати и почит кон загинатите припадници на полицијата нагласувајќи дека нивната жртва претставува трајна обврска за институцијата.

Порака за професионализам, одговорност и бескомпромисна борба против криминалот денеска упати и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Тој истакна дека полициската професија не завршува со работното време и дека секој полициски службеник ја носи одговорноста да постапува чесно, професионално и во најтешките моменти. Потсети дека корените на македонската полиција се длабоко поврзани со историските стремежи за слобода, ред и заштита на народот.

Говорејќи за современите безбедносни предизвици, тој предупреди дека криминалот денес е „технолошки напреден, адаптивен и агресивен“, но дека државата води системска и одлучна борба против криминалните структури.

– Водиме одлучна, системска и бескомпромисна борба против криминалните групи во сите области. Системски дејствуваме врз нивните структури, нивните врски, нивната логистика и нивниот капитал – нагласи Јанев.

Посебен акцент стави на улогата на полициските службеници, кои ги нарече „тивката сила на државата“. Според него, секое нивно постапување е начин на кој граѓаните ја гледаат и ја вреднуваат државата. 

– Од вас зависи угледот на полицијата. Од вас зависи довербата на граѓаните. Од вас зависи чувството на сигурност во заедницата – порача Јанев.

Говорејќи за тековната реорганизација во системот, тој истакна дека секоја сериозна институција се гради долгорочно и дека професионалците секогаш го наоѓаат своето место. 

– Не откажувајте се. Надградувајте се. Работете. Верувајте во сопствениот труд. Оваа служба секогаш остава простор за раст за оние што имаат знаење, карактер и посветеност – порача Јанев.

Тој ја нагласи и важноста на соработката со граѓаните, кои не се само корисници на услугите, туку партнери во безбедноста.

На свеченоста беа наградени најдобрите полициски службеници од повеќе сектори во МВР.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4