Сервисни информации
Намалена матноста на водата на изворот Шум, забраната за користење во Струга останува
Нивото на заматеност на водата на изворот Шум, од каде што се снабдуваат со вода Струга и околните населени места се намалува, но сѐ уште е над дозволеното и забраната за секаква употреба продолжува.
Денешните мерења на Центарот за јавно здравје – Охрид покажуваат 3,62 отсто матност на мострите од изворот Шум. Во градот матноста се движи од 3,69 до 2,75 проценти, додека најниска матност има во селата Заграчани 1,98 и Ложани 1,93 отсто.
За да биде дозволена за користење, според д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид, максималното ниво на матност треба да е 1,5 проценти.
– Матноста на водата од струшкиот водовод иако е значително намалена сеуште е над дозволеното. Десет пати е пониска од проверката на првите мостри земени на 9 февруари. Очекувам до петок да се намали, односно да е во границите на дозволеното – изјави Симоноска.
Водата од струшкиот водовод една недела е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност во изворот Шум и низ сите мерни места низ градот. Првите мостри земени од изворот Шум на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, мострите од 11 февруари 10,17 отсто, додека на 13 февруари беше намалено на 7,3 проценти.
Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основни животни потреби.
Градоначалникот Менди Ќура најави дека приватна институција ќе ги утврдува причините кои довеле до високо ниво на заматување на изворите во Шум.
февруари 16, 2026

