Connect with us

Свет

ЕПП усвои Декларација со која се бара итна стратегија за справување со нискиот наталитет и стареењето на населението

Европската народна партија (ЕПП) денеска во Загреб усвои Декларација во која се нагласува дека демографијата не е споредно, туку „централно стратешко прашање“ за Европа, предлагајќи низа мерки за пресврт на негативниот тренд на бројот на жители.

„Европа која се смалува и не е во состојба да ја одржи својата демографска сила, неизбежно ќе стане послаба Европа, помалку способна да ги штити своите граѓани, својата економија и своите вредности во сè поконкурентниот и понестабилен свет“, се наведува во Декларацијата донесена на неформалниот собир во хрватскиот главен град.

На собирот во Загреб присуствуваат лидерите на партиите кои припаѓаат на најголемата европска политичка групација, меѓу кои претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск.

Во документот се предупредува дека со продолжување на сегашните трендови, Европската Унија до 2070 година би сочинувала само околу четири отсто од светското население, додека на почетокот на 20 век опфаќала речиси една четвртина.

ЕУ се соочува со стареење на населението, депопулација и ниски стапки на наталитет. Во сите држави членки стапката на фертилитет е падната значително под нивото за проста репродукција (2,1 дете по жена) и во просек изнесува околу 1,38. Ова создава огромен притисок врз пензиските системи, пазарот на труд и здравството, поради што континентот сè повеќе се потпира на работници од трети земји за да го ублажи падот на работоспособното население.

„Демографијата затоа бара координиран одговор од Европската Унија“, истакнуваат од ЕПП. Тие предлагаат Унијата истовремено да инвестира во помладите генерации и во изградба на вистинско „општество на долговечност“ – не само со продолжување на работниот век, туку со овозможување поздрав и попродуктивен живот во сите возрасти.

Покрај финансиските поттикнувања, како клучни елементи во Декларацијата се наведени достапноста на грижата за децата, соодветното домување, целодневното школување, рамнотежата меѓу деловниот и приватниот живот и општествена клима која го вреднува родителството.

Во Декларацијата се потсетува дека демографијата е препознаена како стратешки предизвик на иницијатива на Хрватска, по што од 2019 година стана дел од посебен ресор во Европската комисија, предводен од потпретседателката Дубравка Шуица.

„ЕПП потврдува дека демографската обнова мора да биде стратешки императив на ЕУ, рамноправен со конкурентноста, безбедноста и енергетската и технолошката сувереност“, се заклучува во документот, со повик за воспоставување на „вистинска европска демографска стратегија“.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2