Connect with us

Свет

Светската здравствена организација бара оданочување на слатките и алкохолните пијалаци

Засладените и алкохолните пијалаци се преевтини бидејќи недоволно се оданочуваат, што доведува до повисоки стапки на дебелина, дијабетес и други болести, истакна Светската здравствена организација (СЗО) додавајќи дека децата и адолесцентите се особено погодени од тоа.

На таквите пијалаци би требало да се воведат даноци или да се зголемат постојните, порачува Светската здравствена организација. Со тоа пијалаците би станале поскапи, а со самото тоа и помалку би се пиеле, аљ истовремено би се собрале повеќе пари за здравствениот систем.

Според податоците на СЗО, 116 земји во светот веќе ги оданочуваат безалкохолните пијалаци и другите засладени пијалаци, но многу други пијалаци со висок удел на шеќер и понатаму не се опфатени со даноците, како што се стопроцентните овошни сокови, засладените млечни напивки и готовите кафиња или чаеви.

– Здравствените даноци се една од најмоќните алатки што ги имаме за промовирање на здравјето и спречување на болестите – рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.

СЗО исто така истакна дека најмалку 25 земји, главно во Европа, вклучувајќи ја и Германија, немаат посебни акцизи за виното.

За разлика од виното, жестоките алкохолни пијалаци, како овошните ракии, коњакот, вотката или вискито, подлежат на данок на алкохол, а пивото се оданочува со посебен данок на пиво. Консумацијата на алкохол може да доведе до болести, насилство и повреди, предупредува еден од директорите на СЗО, Етиен Круг.

– Додека индустријата остварува профит, јавноста често ги сноси здравствените последици, а општеството економските трошоци – рече Круг.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4