Вести
Нелоски: СДСМ да ги изнесе информациите во потврдна форма за да поднесам тужба за клевета
СДСМ да не поставува прашања, туку да ги изнесе информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи, порача Владимир Нелоски преку својот фејсбук-профил.
Обвинувањата што ги изнесува СДСМ, Нелоски ги квалификува како тирада на нечесни и валкани прес-конференции, кои изобилуваат со невистини креирани информации и полуинформации.
– Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес-конференции на СДС, партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираноста во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и од тој пусти страв од одговорност, која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од споменатата приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари – наведува Нелоски.
Според него, како и секој човек, и татко му има право да работи, а со трговија почнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.
– Мојот татко цел живот работи чесно во приватниот сектор. Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата. Така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции. И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката, нека не поставуваат прашања од СДС, туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи – пишува Нелоски.
јануари 28, 2026

