Connect with us

Свет

Комитетот за трговија на ЕП ќе решава за судбината на Трговскиот договор ЕУ-САД

Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент попладнево на седница зад затворени врати ќе решава за судбината на Трговскиот договор ЕУ-САД во услови кога европратениците се поделени околу прашањето дали да се рестартира постапката за негово усвојување или тој и натаму да се „држи под мраз“ како одговор на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон Гренланд.

Првично беше предвидено Комитетот за меѓународна трговија да се изјасни по договорот на својата утрешна седница, но гласањето по него беше одложено минатата недела по заканата на Трамп за воведување царини кон осум европски земји, затоа што, според него, се противат на плановите за американско преземање на Гренланд.

Во средата Трамп ја повлече ваквата закана, по што одново е иницирано прашањето за започнување на постапката за усвојување на Трговскиот договор ЕУ-САД.

За тоа прашање членовите на Комитетот на денешната затворена седница ќе дебатираат со високиот претставник на ЕУ за трговија, Леополдо Рубиначи.

Според претседателот на Комитетот за меѓународна трговија, Бернд Ланге имајќи ја пред вид сè уште „нејасната природа“ на договорот за Гренланд што Трамп го постигна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, не би требало да се брза со усвојување на документот.

Ставот на Ланге го поддржаа неговата Прогресивна алијанса на социјалистите и демокртаите (СД), либералната група „Да ја обновиме Европа“ и Левицата.

СД оцени дека „зборовите не се доволни“ и дека Парламентот треба „да се воздржи од брзање“ без да „размисли соодветно“. Либералите соопштија дека се против забрзување на постапката за усвојување на договорот сè додека не се направи „темелна проценка“ за тоа како стојат работите во врска со Гренланд, додека Левицата оцени дека продолжувањето со ратификацијата на документот само ќе го зацврсти статусот на ЕУ како „вазал“ на САД.

Од друга страна, најбројната група во ЕП, Европската народна партија (ЕПП) сака веднаш да започне постапката за ратификација на договорот.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола минатата недела изјави дека ќе инсистира на повторно придвижување на процедурата за усвојување на договорот.

И лидерите на ЕУ, на неформалниот Самит во четвртокот во Брисел повикаа на усвојување на трансатлантскиот договор, како дел од напорите за ублажување нс односите со Вашингтон по судирот околу Гренланд.

Американскиот амбасадор при ЕУ, Ендрју Пуздер минатата недела ја обвини Унијата дека го одолговлекува усвојувањето на договорот и повика на негово спроведување „без понатамошни опструкции“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1