Connect with us

Свет

Кошта: Геополитичките предизвици ќе ја направат ЕУ посилна, поотпорна и посуверена

Геополитичките предизвици со кои се соочува Европа понекогаш изгледаат застрашувачки во услови на руската воена агресија врз Украина, поткопувањето на меѓународниот поредок базиран на правила и доведување во прашање на основните сојузи, но од сето ова Европската Унија ќе излезе посилна, поотпорна и посуверена, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

– За да се случи ова, нашиот одговор мора да има три компоненти – Европа на принципи, Европа на заштита, и Европа на просперитет. Сите овие три димензии се на тест во сегашниот момент на трансатлантските односи, истакна Кошта во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур за заклучоците од декемврискиот Самит на ЕУ и за потребата посилна и посуверена Европа во услови на растечки геополитички тензии и континуирани закани по поредокот базиран на правила.

Токму ова се причините, според Кошта, поради кои решил за утре да свика состанок на европските лидери посветен на трансатлантските односи. Тој изрази уверување дека земјите членки на ЕУ се обединети околу принципите на почитување на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет и во целосна поддршка и солидарност со Данска и со Гренланд и нивното право сами да одлучат за својата иднина.

Според Кошта, ЕУ признава дека постои заеднички трансатлантски интерес за мир и безбедност на Арктикот, но смета дека понатамошните царини би ги поткопале трансатлантските односи и се некомпатибилни со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.

– Подготвени сме да се одбраниме себеси, нашите земји членки, нашите граѓани, нашите компании, од каква било форма на принуда. А Европската Унија има моќ и алатки за тоа. Сакаме да продолжиме конструктивно да се ангажираме со САД за сите прашања од заеднички интерес, а ги има многу, бидејќи сме партнери и сојузници и споделуваме трансатлантска заедница. Верувам дека ова се принципите што треба да ги водат дискусиите меѓу нашите лидери утре и нашите активности во иднина, рече Кошта.

Според него, прв начин Европа да стане посилна и посуверена е да остане цврст застапник на меѓународниот поредок базиран на правила, меѓународното право и мултилатерализмот, почитувајќи ги принципите загарантирани во Повелбата на ОБ и бранејќи ги човековото достоинство и индивидуалните слободи.

– Не можеме да прифатиме дека законот на најсилниот преовладува над правата на најслабите. Бидејќи меѓународните правила не се опционални и сојузите не можат да се сведат само на низа трансакции. Не можеме да прифатиме кршење на меѓународното право. Никаде. Без разлика дали е во Украина, Гренланд, Латинска Америка, Африка или во Газа. Не можеме да прифатиме кршење на човековите права, без разлика дали е во Иран, во Судан или во Авганистан. Во вакви времиња, принципите се поважни од кога било. Бидејќи сигурноста е сила, а доследноста е клучна, истакна Кошта.

Паралелно со ова, според него, Европа мора да им обезбеди подобра заштита на своите граѓани, па затоа се фокусира на одбраната и одбранбената подготвеност, преку зголемени инвестиции и соработка.

– Таа мора да се постигне преку праведен и траен мир во Украина. Бидејќи безбедноста на Украина е безбедност на Европа. Нашиот одговор беше јасен уште од првиот ден од воената агресија на Русија: Да обезбедиме целосна поддршка на Украина – финансиски, во однос на безбедноста, за реконструкција и на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија… Се обврзавме и исполнивме. Во време на криза, Европската Унија застанува на нозе, ги презема своите одговорности и дејствува решително, рече Кошта.

Според него, за да стане посилна и посуверена Европа мора и економски да напредува и да им даде нов импулс на економскиот раст, иновациите и отпорноста, но и да ја намали бирократијата на сите нивоа, да осигури безбедни и одржливи извори на енергија, да го зајакне дигиталниот суверенитет, да насочува заштедите кон продуктивни инвестиции и да ја развива трговијата.

– Мојата порака денеска е јасна. Само со комбинирање на принципите, заштитата и просперитетот можеме да ја направиме Европа посуверена, поотпорна и посилна. Заедно со Европскиот парламент и Европската комисија, ќе продолжиме да испорачуваме за нашите граѓани, за нашата колективна сила и за местото на Европа во светот, додаде Кошта во обраќањето.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 5